ЕВРОПСКИОТ ПАТ ВО ФОКУСОТ НА ПОСЕБНО МИНИСТЕРСТВО – еве ги надлежностите на новите, ќе се придвижат ли состојбите
Иако идниот мандатар, Христијан Мицкоски, веќе јавно потврди дека нашата земја ќе ја вика само Македонија, но ќе го почитува новото име на земјата во официјалните средби, намерата на ВМРО-ДПМНЕ да продолжи по патот кон Европската унија, и покрај досегашните „натегања“ може да се види и од новиот Закон за за организација на работата на органите на државната управа.
Едно од сосема новите министерства кои се најдоа во Законот е Министерството за европски прашања. Како што е истакнато, ова министерство ќе ги координира и усогласуваа работата на органите на државната управа и другите органи и институции, за подготвување на Републиката за членство во Европската унија.
Притоа, ќе ги координира работите и за преговори за членство во Европската унија.
Меѓу неговите надлежности се и координација на активностите за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација склучена меѓу Републиката и Европските заедници и нивните земји членки и другите договори склучени меѓу Републиката и Европската унија, како и на работните тела формирани во рамките на склучената спогодба и другите договори со Европската унија.
- Подготвување на македонската верзија на правото на Европската унија (acquis communautaire), обезбедување координација за усогласување на работата на претставниците на Републиката во институциите и телата на Европската унија, ќе обезбедува координација на странската помош од Европската унија и нејзините земји членки и другата странска помош поврзана за реформите комплементарни на процесот на интегрирање на Републиката во Европската унија - пишува во законот доставен во Собранието. Воедно е посочено дека тие ќе бидат задолжени за информирање на јавноста за активностите поврзани со процесот на европска интеграција и европските прашања.
ЕНЕРГЕТИКАТА ВО ФОКУСОТ
Сосема ново Министерство, согласно планот за реорганизација би било Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доколку законот бие изгласан во Собрани, имаќи предвид дека за вакви измени потребно е двотретинско мнозинство.
Ова министерство ќе биде задолжено за енергетиката, енергетската политика и планирањето на развојот во областа на електрична енергија, природниот гас, нафта и деривати на нафта, топлотна енергија и термални води, како и други видови на енергија и нивна експлоатација.
- Снабдување со енергија, спроведувањето постапки за селекција и именување на органите на раководење, управување и надзор во правните лица од областа на енергетиката во целосна или доминантна државна сопственост. Стратегијата и политиката за енергетска безбедност, рационалната употреба на енергијата и енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија – се меѓу задолженијата на ова министерство.
Воедно вработените во оваа институција ќе бидат задолжени за координацијата на работата и реализација на енергетските инвестиции, за рударството, стратегија и политика за развој на рударството, како и за експлоатацијата на минерални суровини и геолошки ресурси, потоа за геолошките истражувања и истражувања поврзани со експлоатација на минерални суровини. Тие ќе бидат задолжени и за изработката на програма за истражувачки работи од областа на основните геолошки истражувања поврзани со одржливото користење на ресурсите. Воедно под нивни ингеренции ќе биде Бирото за метрологија.
П.О.
