ЕВРОПСКА ЦЕНТРАЛНА БАНКА ПРЕДУПРЕДУВА - Зајакнувањето на еврото на повеќе од 1,20 долари може да биде проблематично
Потпретседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Луис де Гиндос, денес изјави дека понатамошниот раст на еврото на повеќе од 1,20 долари би можел да биде проблематичен за монетарните власти на еврозоната.
„Мислам дека нивоата од 1,17 долари, па дури и 1,20 долари за еврото се прифатливи и не се проблем, но секое зголемување над тоа би било многу покомплицирано“, изјави де Гиндос за Блумберг ТВ на маргините на годишниот форум на Европската централна банка (ЕЦБ) во Синтра.
Еврото порасна за речиси 14 проценти во однос на американската валута оваа година, а ЕЦБ внимателно го следи ова зајакнување.
„Не таргетираме специфичен девизен курс на еврото, туку го вклучуваме девизниот курс и неговото движење во проекциите и монетарните одлуки“, истакна де Гиндос и додаде дека стапката на раст на еврото привлекува поголемо внимание отколку самата висина на девизниот курс.
Еврото моментално се тргува со околу 1,18 долари, а аналитичарите предупредуваат дека понатамошното зајакнување на повеќе од 1,20 долари би можело да ја ослаби конкурентноста на европскиот извоз и да го комплицира понатамошното монетарно олабавување во еврозоната.
