ЕВРОПРАТЕНИК НИ ПОРАЧА: Нема време за губење
Европратеникот Туне Келам изјави дека остануваат неколку месеци до јуни кога Европскиот совет треба да донесе одлука за пристапните преговори.
Вели дека во овој период нашата земја треба да се фокусира на реформските цели и националното единство.
„Нема време за губење. Добра вест е што и Владата и опозицијата се согласни дека евроинтеграцијата треба да напредува“, вели Келам.
Тој ја предводи седумчлената делегација на Европскиот парламент во посета на земјата со цел оценка за реформите и подготвеноста за отпочнување пристапни преговори.
Смета дека Северна Македонија и граѓаните го заслужуваат почетокот на преговорите со ЕУ. Како многу важни ги спомна и претстојните претседателски избори кои мора да бидат транспарентни.
„Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги продолжите реформите. Сега не е време да ги славите успесите кои се реално постигнати, туку да се фокусирате на активностите што се од суштинска важност за вашата земја. Нас ни е потребна Северна Македонија како членка на ЕУ“, вели Келам, кој е претседател на Комитететот за надворешни работи при Европскиот парламент.
Тој потенцираше дека посетата е во време кое е од критичка важност за Северна Македонија. Тие си заминуваат од земјава со чувство на надеж, имајќи ги предвид промените во изминатата година и пол како што се практично членството во НАТО и фактот што соседните земји беа први што го ратификуваа Протоколот за влез во Алијансата.
Седумчлената Делегација на ЕП за време на дводневниот престој во земјата имаше средби во Владата, Собранието, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор. Делегацијата ја посети и пречистителната станица во Кичево изградена со пари од ЕУ-фондовите.
фото МИА
