Европратениците бараат ВМРО-ДПМНЕ да се врати во собраниските клупи
Опозицијата да се врати во собраниските клупи а македонската влада и парламентарното мнозинство да создадат услови за тоа, побараа европратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан. Вајгл порача дека проектот Жан Моне има намера да ги подобри релациите меѓу власта и опозицијата но најверојатно нема да се одржи првиот состанок во Париз, туку во Македонија.
- Мора да работите заедно, опозицијата е дел од нормалниот парламентарен систем. Коалицијата на власт има одговорност да направи опозицијата да се чувствува комотно и активно - истакна европратеникот Вајгл
И претседателот на собранието Талат Џафери упати повик до пратениците од опозицијата да се вратат во законодавниот дом.
- Точно е дека мнозинството мора да создаде услови за опозицијата слободно и демократски да ги артикулира своите интереси, но притоа и опозицијата мора да преземе дел од одговорноста за целокупната состојба - порача Џафери.
