Економија, финансии, бизнис

Контакт

Европа со остри пораки за Македонија и (не)сработеното но, и сама се заплетка во „малигното странско влијание“

Европа со остри пораки за Македонија и (не)сработеното но, и сама се заплетка во „малигното странско влијание“

Извештајот за напредокот на Македонија кој го предложи известувачот во Европскиот парламент Томас Вајц, а го одобри мнозинството од европските парламентарци, испорача уште една директна или сурова порака кон Македонија, прифаќајќи ги контроверзните амандмани на Бугарија и европратениците кои се скептични околу проширувањето на ЕУ.

Сепак, Европа сама се заплетка во контрадикторности за хибридната војна која се води против Македонија, спроведена од повеќе непријателски центри, а притоа како сама да признава дека кампањата која ја водат бугарските, грчките и останатите ботовски мрежи преку социјалните мрежи опасно влијае врз информациската сфера во земјата, само не ги именуваше поединечно, туку полесно е да се остави тоа во лимбо просторот и меѓу редови да се чита како „руско влијание“.

Во такви услови, актуелната власт предводена од премиерот Мицкоски сè подлабоко се вкопува позади „црвените линии“, што беше потврдено и на прославата на 36 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. За дел од јавноста тоа претставува „храбра и неопходна одлука за сочувување на националното достоинство“, за остатокот „оддалечување од евроинтеграциите и самоизолација“.

Охрабрен дијалогот со Бугарија, критикуван недостигот на реформи

Во суштина извештајот на Европскиот парламент може да се сумира во неколку реченици. Тоа што е ново и специфично годинава, е додавањето на амандман за т.н. Втор протокол од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Со него се опфаќа работата на заедничката историска комисија и одредбите за промена на учебници, гонење на говор на омраза, и други обврски. Тоа се всушност и најголемите „замки“, прифатени од претходната власт на СДСМ, а кои може вечно да ја остават Македонија надвор од Унијата, давајќи му на источниот сосед опција за постојано блокади додека не ги прифатиме сите нивни ревизионистички, националшовинистички и негаторски барања. Уште па, охрабрени и легитимирани како преговарачка рамка одобрена од сите членки на ЕУ по прифаќањето на т.н. Француски предлог.

Европа исто така упати и многу сурова порака преку извештајот, дека не се само во прашање уставните измени по „бугарски диктат“, туку и недостигот на реформи како пречка за европскиот напредок на Македонија.

Тука особено е нагласен недоволниот напредок во правосудството, борбата со корупцијата, владеењето на правото, и департизацијата, со силно нагласена политичка реторика на партиите која води до поларизација и поделби во општеството.

Додека Македонија назадува во напредокот, повторно пофалби се упатени до Албанија која може да ги заврши преговорите за членство веќе следната година, а Црна Гора до 2028 година да стане членка и на Европската Унија.

И како што е наведеносе повикува ЕУ да преземе дополнителни напори во поддршка на Македонија во справување со „постојаните обиди за нарушување на јавната дебата и поткопување на довербата во демократските институции и европскиот пат на земјата преку координирана манипулација со информациската средина, вклучувајќи тајни операции на влијание и малигни наративи“.

Иако извештајот нотира дека малигното странско влијание го ослабува институционалниот кредибилитет и го поларизира општеството, целосно го игнорира фактот дека таквото поведение некогаш е оркестрирано и од бот-центрите во Софија и по малку од Атина, кои и самите се земји членки на ЕУ.

Препораката до Македонија е да го засили институционалниот капацитет, да постигне политички консензус во борба со овие наративи и говорот на омраза, да ја подигне медиумската писменост и да ја зајакне отпорноста кон хибридните закани.

Сепак, целосната формулација на извештајот, недостигот на „симпатии“ од европарламентарците, кои патем мнозинството се евроскептици и противници на проширувањето, и удоволувањето на барањата на амандманите на Бугарија, не му помага на македонското општество да ги прифати актуелните позиции на Брисел, односно спроведување на Францускиот предлог без бараните дополнителни гаранции за националните идентитет, култура и јазик и механизми за спречување на ново вето инспирирано токму од негаторските позиции на македонските соседи.  

Х.С.

Слично

Поврзани вести