Европа предупредува, многу спорни делови во владиниот документ за „Јужен тек“
Европската енергетска заедница изрази загриженост за македонската спогодба за „Јужен тек“. Од СДСМ потсетија дека и тие укажувале на проблематичната спогодба, од Влада пак велат ваквите писма на ЕЕЗ биле вообичаена работа.
Во писмото од ЕЕЗ за приклучувањето на Македонија на гасоводот пишува дека договорот не е во согласност со европската регулатива кај делот на распределба на трошоците, во пристапот на трети страни и во делот кој ја утврдува тарифата. Тие дадоа рок до 14 октомври, кога Владата треба да достави објаснувања на спорните точки.
Од опозицијата забележаа дека од нивна страна ваквата загриженост беше посочена уште за време на дебатата во Собрание, но парламентарното мнозинство остана глуво, а претседателот Иванов го потпиша указот за оваа ратификација, истакна Јани Макрадули од СДСМ.
Денес, потврдата на нашите тези стаса од најкомпетентните, Европската енергетска заедница, додаде пратеникот.
„СДСМ бара Владата да го достави на јавноста одговорот до енергетската заедница;Владата веднаш да го објави договорот помеѓу Стројтрансгас и Македонски енергетски ресурси, кој да потсетам, како одговор на мое пратеничко прашање е таен и од доверлив карактер“, забележа Макрадули кој додаде дека ист таков договор после објавувањето во Србија ја покажа целата мрежа на корупција и матни зделки поврзани во процесот на договарање за гасификација.
Од СДСМ побараа и претседателот Иванов да се изјасни дали ги земал во предвид сите укажувања на експертите од Европа и домашната јавност пред да го потпише указот, бидејки, според нив, со потпишувањето на указот станува соучесник во оваа контраверзна ратификација.
Во изјава за МИА, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев посочува дека Владата го има добиено писмото, ќе го анализира и ќе се произнесе околу сите моменти.
„Ваква процедура и комуникација со ЕЕЗ е стандардна и според нашите информации, за оваа тема се реагира со барање за дообјаснување до сите земји низ кои поминува Јужен тек меѓу кои и земји членки на ЕУ. Ние го имаме добиено писмото од ЕЕЗ, го анализираме и ќе се произнесеме околу сите моменти. Договорот што Македонија го има потпишано со Русија за Јужен тек суштински не се разликува од договорите кои ги имаат потпишано и другите земји“, вели Ѓорѓиев.
Слично
