ЕВРОПА ПЛАЧЕ ПО ОВИЕ РАБОТНИЦИ: Младите бегаат, а „Катар и Саудиска Арабија ги плаќаат со суво злато“
Младите не сакаат да се вклучат во оваа професија, а повеќето од нив се откажуваат кога ќе видат дека ќе поминат две до три години на специјалистичка обука.
Контролорите на летање во Европа се во просек значително постари од нивните колеги на другите континенти. Нема кој да ги замени луѓето кои се пензионираа во последните години - тешката и долгорочна обука, нефлексибилното работно време и подобрите можности на пазарот на труд ги оддалечија младите од оваа до неодамна елитна професија.
На ниво на ЕУ има недостиг од 700 до 1.000 контролори на летање, призна за Политико Фредерик Делеу, потпретседател на Меѓународната федерација на контролори на летање.
Тоа не е работа за младите кои денес растат, бидејќи повеќето од нив се откажуваат кога ќе видат дека ќе поминат две до три години на специјалистичка обука. Програмата за обука, спроведена од организацијата Еуроконтрол, ги носи младите работници низ теоретски часови, работа на симулатор и дополнителна обука на аеродромот.
Секој што сака да биде контролор на летот мора да исполнува строги критериуми, да биде целосно здрав, со одличен вид и слух и одлично познавање на англиски и математика. Дополнително, младите за оваа работа не смеат да бидат постари од 27 години и задолжително да имаат завршено високо образование.
Во кризи, како што е големата финансиска криза од 2008 година и пандемијата на Ковид, ваквите програми стагнираат и никому не се премногу интересни, поради што има недостиг од работници. За да биде проблемот уште поголем, на запад од Европа огромен број контролори се подготвуваат да се пензионираат одеднаш, а преостанатите работници мора да работат се повеќе и повеќе часови, поради што атрактивноста на работното место дополнително се намалува, пренесува tportal.
„Не можеме да бараме од луѓето да работат 12 часа шест или седум дена во неделата без ризик од одреден пропуст“, додава Деле. Летово се очекува рекорден воздушен сообраќај, а голем дел од воздушниот простор на европскиот континент е затворен поради војната во Украина.
Голем проблем за ЕУ се и пазарите на Блискиот Исток, каде обучените и искусни контролори се дебело платени, а Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ги плаќаат со „суво злато“ и ги мамат со богати „пакети за преместување“.
Во моментов, ЕУ се надева дека ќе постигне напредок во технологијата за следење на воздушниот простор „од далечина“: започна пилот програма во која 15 аеродроми ќе бидат надгледувани од тимови во Литванија и Полска, но технологијата е сè уште во почетна фаза.
Како што стојат работите сега, критериумите за влез во тој престижен клуб ќе треба да се олабават, со тоа што првиот чекор за идните апликации е веројатно укинување на задолжителната универзитетска диплома - секој со завршено средно образование може да добие шанса да биде лет. управувач.
