Европа и Балканот здружени против корупцијата
Корупцијата е еден од најголемите предизвици за економскиот развој и заштитата на јавниот интерес, а нејзиното присуство ги погодува бизнисот, граѓаните и институциите. На меѓународниот тренинг „Корупцијата во бизнисот“, кој се одржа во Велес од 1 до 6 мај 2025 година, 25 учесници од 13 држави заклучија дека дигитализацијата може да биде моќен сојузник во борбата против корупцијата – преку зголемена транспарентност, следење на процесите и поефикасна контрола на јавните финансии.

Беше истакнато дека најранливи сектори се градежништвото, здравството, угостителството, јавните набавки и финансискиот сектор – области каде што недоволната транспарентност и недостатоците на регулативата најчесто водат кон злоупотреби и неправилности. Корупцијата во бизнисот не само што ја нарушува пазарната конкуренција, туку директно го ограничува растот на компаниите, влијае врз странските инвестиции и го намалува квалитетот на јавните услуги.

Дополнително, беше нагласено дека справувањето со корупцијата не е обврска само на институциите – потребно е вклучување на сите сегменти од општеството, граѓанскиот сектор, медиумите, особено младите, кај кои треба да се развива свест и навика за пријавување, спротивставување и неприфаќање на коруптивни практики.
Настанот е дел од проектот DigitalVScorrupt, 30-месечна иницијатива ко-финансирана од Европската унија, која вклучува организации од Западен Балкан и Европа. Организатор на настанот беше Научниот институт за применети истражувања за бизнис од Скопје, кој е и еден од партнерите во проектот.
Проектот има за цел преку дигитални решенија, едукација и интерсекторска соработка да придонесе кон поголема отчетност, владеење на правото и активна вклученост на граѓаните – особено младите и маргинализираните заедници.
Тренингот заврши со конференција на која учествуваа претставници од академската заедница и бизнис секторот. Учесниците се согласија дека одржлив економски развој е можен само во средина со низок степен на корупција, каде што бизнисите имаат еднакви шанси, а фер конкуренцијата е основа за напредок.
