ЕВРОБАРОМЕТАР: Веруваат ли Македонците во армијата и полицијата?
Граѓаните во земјава имаат најмала доверба во полицијата меѓу сите членки на ЕУ и државите кандидати за членство, покажува истражувањето на Евробарометар.
Доверба во полицијата имаат 34% од Македонците, додека 61% не и веруваат.
Како последица на политичката криза и насилствата во Собранието на 27 април е забележан значителен пад на довербата во полицијата за 7%, додека довербата во војската паднала за два проценти.
Македонците имаат најмала доверба и во војската. Речиси 51% од испитаниците кажале дека имаат доверба во војската, а 41% немаат.
Истражувањето на Евробарометар е спроведено во мај годинава и се направени споредби со истражувањето од ноември лани, период во кој се случија повеќе настани на политичката сцена во Македонија.
По Македонија, најмала доверба во полицијата има во Словачка 43%, во Бугарија 44, Црна Гора 47 и во Србија 48 проценти. Најголема доверба во полицијата имаат Финците 95%, Данците 93% и Швеѓаните 87%.
Најголема доверба и во националните армии повторно имаат Финците 95%, а потоа Данците и Французите со 88%.
Генерално во ЕУ, доверба во војската имаат 75% од граѓаните, а 19% немаат доверба, а 6% се без став за ова прашање, покажуваат податоците на Евробарометар, што ги пренесуваат Ал џезира и Балтиктајмс.
