ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР: Извештајот е коректен и праведен
Зголемена висока корупција, злоупотреба на ЕУ знаменцето, недоверба во судиите во Македонија. И денеска политичките чинители го коментираат извештајот на Европската Комисија (ЕК).
Евроамбасадорот Дејвид Гир го коментира извештајот на ЕК како искрен и правичен. На вкупно 121 страница конкретно за Македонија се нотирани забелешките дека нема напредок во поравосудството, политичката поларизација која се рефлектира и врз работата на законодавниот дом како и борбата против корупцијата. Гир изјави дека власта го злоупотребува европското знаменце, за закони кај кои нема никакво усогласување со европската регулатива. Гир не пропушти прилика да потсети дека остануваат и обврските за носење на уставните измени.
„Извештајот е коректен и праведен. Со ова сакаме да ги охрабриме властите, државните институции, како и сите политички чинители да направат многу повеќе за унапредување на реформите во интерес на граѓаните и во интерес на патот кон членство во ЕУ“, рече Гир.
Владата проценила дека земјава постигнала напредок во 80 отсто од поглавјата поврзани со процесот на евроинтеграции. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во присуство на евроамбасадорот истакна дека во извештајот не е забележано никакво уназадување.
Според Гир, одлуката на Европската Комисија да препорача отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со Украина и Молдавија се темели на објективна оценка за исполнување на поставените услови и претставува историска одлука.
Вчера и денеска власта и опозицијата се обвинуваат за забелешките од извештајот на ЕК за Македонија.
