Еве зошто се одбиени барањата за притвор во „Титаник“
Апелација ги објави одлуките за одбивањето на мерките притвор за обвинетите во случајот „Титаник“.
Станува збор за Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски.
Во образложението за Груевски стои дека бидејќи на обвинетиот му е одземена патната исправа и службениот пасош и мора секој петок да се јавува во судот, нема опасноста од бегство.
Можноста Груевски да влијае врз сведоци е неоснована.
За поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е наведено дека опасноста од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците е неоснована. Се дополнува и дека обвинетата подолг временски период не ја врши наведената функција.
Во петокот на јавна седница обвинетите си ги побараа назад одземените пасоши и ветија дека нема да бегаат. Тие се жалат дека судот им определил престрога мерка. Ги оценија обвиненијата на СЈО како „празни“ и тврдат дека ова обвинителство прави политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ.
Во случајот „Титаник“ СЈО гони поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности.
