„Еве вака делува мафијата регистрирана како политичка партија“ - Најчевска распали, со остар тон за судењето за несреќата кај Ласкарци
По денешното продолжение на „судската сапуница“ за несреќата кај Ласкарци, во која се преврте автобус на „Дурмо турс“ при што загинаа 16 патници, а притоа беа повредени триесетина други, се огласи професорката Мирјана Најчевска.
Таа посочува дека ова што се случува на судењето против обвинетите за несреќата, до која дошло, како што покажаа претходните вештачења на стручни лица од Машинскиот факултет поради тоа што кочниците на автобусот работеле со само 29 проценти од моќноста, е показтел како делува мафијата во државата, посочувајќи дека мафијата е всушност ДУИ, една од водечите политички партии во земјава, која над 20 години е во власта.
- Еве вака делува мафијата регистрирана како политичка партија под назив ДУИ.
Ова е класичен начин на узурпација на судството и сите државни заштитни механизми со што се штити секој криминал на мафијата и се озаконувабрекетот.
ДУИ мора да се тргне од власт и секој поставен и вработен по нарачка на ДУИ.
До последен.
Како што се чисти рак.
Не е гаранција дека нема да се поврати ама тоа е единствен начин да и дадеме шанса на државата - напиша Најчевска на својот Фејсбук профил.
Како што може да се збележи под нејзината објава, иако објавена пред кратко време, голем број граѓани изреагираа и ја поддржаа професорката.
За потсетување, сообраќајната несреќа кај Ласкарци, која ја потресе Македонија, но и регионот, се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од автопатот, при што загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.
Сепак, се покажува дека ништо не научивме од оваа кобна несреќа. Судењето постојано се пролонгира, се одложува и развлекува, поради што роднини на загинатите и повредените во неколку пати посочија дека се сомневаат дека некогаш ќе дочекаат правдата да надвладее.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
На денешното рочиште оваа „сапуница“ доби нов пресврт кога беше повикан пензиониран професор од средно училиште, кој има лиценца за вештачење и кој тврдеше дека иако автобусот возел со кочници кои работат само со 29 отсто, виновен за несреќата е само возачот кој не реагирал доволно.
Наспроти него, врз база на првичното вештачење од Машинскиот факултет и сообраќајните вештаци, на што се базира и обвинението, Обвинителството тврди дека неисправноста на автобусот на „Дурмо турс“, особено на кочниците, довело до тоа да кога обвинетиот возач изгубил контрола над автобусот, немал доволна ефикасност на сопирачкиот механизам, за да го сопре автобусот.
