„Еве свежи снимки како изгледа наводно расчистената дива депонија“: жителите на Буњаковец бараат институциите да реагираат
Жителите на општина Центар со нова објава на видео од дива депонија која се насобира во напуштена куќа во населбата Буњаковец бараат брза реакција од градоначалникот на општината, но и од инспекциските служби, со цел да се спречи поголема катастрофа.
Согласно објавата која е поставена на социјалната мрежа Фејсбук, во групата „Во одбрана на Буњаковец“, е споделено видео од стара куќа која делува руинирано, и во чиј двор има голем број кеси.
Во објавата се посочува дека и покрај претходните реакции од жителите и надлежните, во куќата најверојатно повторно се населиле бездомници и дека насобираат ѓубре во дворот кое ја загадува околината.
Во нивните претходни објави, загрижените станари, предупредуваат дека може да настане голем проблем поради тоа што лицата кои се населиле без дозвола горат се што ќе им дојде до рака, но стравуваат и од пожар на оштетениот објект, за кој како што велат не се знае во каква состојба е.
- Пред месец и пол пренесувавме укажувања од соседите на дивата депонија/руинирана куќа на ул. „В. Полежинивски“ бр.7 дека бездомниците се вратиле по објавите дека Општина Центар - Скопје го средила случајот.
Еве свежи снимки како изгледа наводно расчистената дива депонија.
Апелираме до градоначалникот Горан Герасимовски да ги впрегне надлежните служби. Дали е тоа Инспекторат на Општина Центар? - стои во последната објава.
Еве ја и видо снимката:
Пред извесен период во истата група беше посочено дека има опасност дивонаселените станари да го запалат објектот.
- Пријавуваме повеќе од година дена, бездомниците не се отселени од куќата, а ви праќам денешни слики од депонијата која ја „чистеше“ вчера.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
