ЕВЕ ШТО ОСТАВИ ЗАД СЕБЕ ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕ ВО СКОПЈЕ: Летаа кровови, паѓаа дрвја, има големи штети!
Невремето што го зафати вчера попладне Скопје, кое беше проследено со дожд и силен ветер предизвика големи штети. Во општина Аеродром снема струја и дел од семафорите не работеа, додека пак во Општина Гази Баба, летаа лимени кровови и паѓаа дрва.

Во одредени делови на Скопје дел од улиците беа поплавени, а поради паднати гранки од дрвја, на повеќе места имаше застој во сообраќајот.
Како што потврдија за МИА од Електродистрибуција, два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“ беа без напон поради што вечерта дел од Скопје остана без електрична енергија.
Оттаму велат дека сериозна штета во дистрибутивната мрежа предизвикало невремето попладнево во Скопје и дека засилени екипи на Електродистрибуција се на терен за да го нормализираат снабдувањето со електрична енргија.
По невремето, корисниците добија струја, но по кратко време снабдувањето со електрична енергија прекина што се должи на штетата во дистрибутивната мрежа.
Невремето предизвика сериозни штети и во Гази Баба, за што потврди и градоначалникот Бобан Стефковски.
