ЕВЕ КОЛКУ ГИ ЧИНЕШЕ НАЈЛУДАТА НОЌ: Скопјани ги наполнија кафеаните
Оние што не отидоа на концертот на мега балканската ѕвезда Дино Мерлин, ги наполнија скопските кафеани.
Тие, пак, поради големата побарувачка на место повеќе за дочекот на најлудата ноќ, решија добро да си заработат.
Се покажа дека за пречек на новата година кафеаните ги полнат и многу гости од странство, особено од соседството, но и граѓани од дијаспората, кои дојдоа овде да ги дочекаат новогодишните празници со своите најблиски.
Цените за новогодишна прослава со звуците на жива музика беа двојно повисоки од менијата на предновогодишните прослави, кои во последните две недели од декември речиси секојдневно ги преполнуваа ресотораните и кафеаните.

Па така, скопските кафеани, особено оние на добар глас, само за новогодишната вечера наплатуваа по 1.800 па до 2.200 денари по човек, а славениците, покрај оваа сума, требаше да си ги платат и пијалоците.
Или, еден пар во просек дочекот на најлудата ноќ во кафеана го чинеше по околу 100 евра, а можеби и повеќе.
Сепак, дел од угостителите и бендовите се потрудија тие да не зажалат, бидејќи приредија добра забава.
