ЕВЕ КОЈ ЌЕ ГО ПРЕЗЕМЕ „КОРМИЛОТО“ ВО АЛТА БАНКА - Објавени предлозите за новите членови на Надзорен одбор
По промената на сопственоста на некогашната Стопанска банка Битола, сега веќе Алта Банка, наскоро ќе има промена и во Надзорниот одбор на банката.
Согласно документите објавени на Македонска берза, на крајот на месецов ќе се одржи Собрание на акционери, при што треба да бидат разгледани предлозите за именување нови членови во Надзорниот одбор на Банката.
За членови Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Битола се предложени Давор Мацура, Уна Сикимиќ, Татјана Куљак, Вељко М. Мијушковиќ и Горан Коевски. Предлогот, кој вклучува тројца претставници на најголемиот акционер – АЛТА банка АД Белград, и двајца независни членови, е дел од дневниот ред на Собранието на акционерите закажано за 27 февруари.
Во материјалите за Седницата, доставени се и биографиите на предложените кандидати.
Давор Мацура е доктор на науки по менаџмент и бизнис и основач на АЛТА Груп. Од 2008 година е активен во рамките на групацијата, а моментално е претседател на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Белград и на АЛТА Лизинг. Тој е индиректен краен сопственик на 95,13 отсто од АЛТА банка Белград која, пак, е 100-процентен сопственик на АЛТА банка Битола.
Уна Сикимиќ е доктор на науки од областа на банкарството и финансиите, со повеќегодишна кариера во управување со ризици. Од 2021 година е претседател на Управниот одбор на АЛТА банка Белград. Претходно извршувала високи менаџерски функции во Комерцијална банка Белград, вклучувајќи член и заменик-претседател на Управниот одбор и извршен директор за управување со ризици.
Татјана Куљак е економист и правен специјалист за корпоративно управување. Од 2021 година е CRO и CFO, како и член на Управниот одбор на АЛТА банка Белград. Повеќе од една деценија работела во Комерцијална банка Белград, главно во областа на анализа и управување со кредитен ризик.
Вељко М. Мијушковиќ е доктор по економски науки и доцент на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград. Неговата академска кариера е насочена кон економија, финансии и корпоративно управување, со повеќегодишно искуство во високото образование.
Горан Коевски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и доктор по правни науки. Има богато искуство во областа на трговското и корпоративното право, учествувал во изработка на клучни законски решенија и бил член или претседател на бројни државни комисии, управни и надзорни одбори, вклучително и на Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност.
Сегашни членови на НО на Алта банка се Гордана Гацева, Стевчо Јолакоски, Антони Пешев и Игор Камбовски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
