ЕВЕ КАКВА Е СОСТОЈБАТА ПО ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ: Речиси секаде е стабилно
На подрачјето Скопје не се евидентирани нарушувања на редовната состојба. Во моментов нема врнежи од дожд или снег и состојбата е стабилна.
Состојбата во Тетово и околината е стабилна, без нарушувања во редовното функционирање. Сите патни правци се проодни, а коловозите се претежно влажни.
ЈП „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка.
Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот.
На територијата на Струмица нема пријави за настанати штети. Во моментов нема активни врнежи и не постои опасност од излевање на реките. Не се евидентирани одрони или непроодни патни правци.
На подрачјето на Велес состојбата е стабилна, без нарушувања, и во моментов нема врнежи од дожд или снег.
На територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање.
Сите патни правци се проодни и чисти. Патниот правец од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП „Македонија пат“ истиот е целосно расчистен.
Во Крива Паланка, Кратово и Страцин сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одрони и снег на одредени локални делници.
На подрачјето на Штип во моментов нема врнежи, а состојбата е стабилна.
Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации се уште има поплавени подрумски простории и дворови.
Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови, а состојбата се следи од надлежните служби.
Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патните правци се проодни, со појава на помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.
Во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка река, локалниот пат за с. Мренога е затворен за сообраќај.
Реките се вратени во коритата, освен река Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се уште има излевање и поплавени земјоделски површини.
Во Битола, состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од зафатените површини. Нивото на река Црна кај Новаци изнесува 320 см.
Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.
