ЕУ воведува нови правила од 1 јули: Возачите на комбиња ќе мора да вградат паметни тахографи
Од 1 јули 2026 година стапуваат во сила нови правила на Европската унија кои значително ќе влијаат врз возачите на комбиња и лесни комерцијални возила, особено оние што вршат меѓународен превоз.
Според новите прописи, сите возила со дозволена маса од 2,5 до 3,5 тони, вклучително и приколка, ќе мора да бидат опремени со паметни тахографи од втора генерација (G2V2), доколку вршат меѓународен транспорт или каботажа.
Новите уреди овозможуваат значително поширок опсег на следење во однос на претходните генерации. Тие ќе бележат преминување на државни граници, места на утовар и истовар, активности на возачите, како и времетраење на возењето и одморот.
Целта на мерката е зголемување на контролата во транспортниот сектор, намалување на злоупотребите и подобрување на безбедноста на патиштата.
Обврската се однесува на:
- комбиња и лесни комерцијални возила од 2,5 до 3,5 тони
- возила што вршат меѓународен превоз
- возила што учествуваат во каботажа
Сепак, постојат и исклучоци. Тахографите нема да бидат задолжителни за возила што се користат на градилишта, за превоз на материјали до и од градилишта, за возила што работат во радиус до 100 километри, како и за превоз на рачно изработена стока или за некомерцијални цели.
Овие исклучоци важат за случаи кога возењето не е основна дејност на возачот.
Со воведувањето на паметните тахографи, надлежните институции ќе имаат попрецизен увид во работата на возачите и движењето на возилата, што треба да придонесе за поголема транспарентност и дисциплина во транспортниот сектор.
Новите правила носат дополнителни обврски за превозниците, па затоа се препорачува сите што користат вакви возила навреме да проверат дали подлежат на регулативата и да се подготват за нејзина примена.
Бизпортал.рс