Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕУ подготвува „црна листа“ со даночни засолништа

ЕУ подготвува „црна листа“ со даночни засолништа

Министрите за финансии на земјите од Европската унија (ЕУ) ќе разговараат денеска за планот за изготвување на „црна листа“ со даночни засолништа во светот како чекор кон воведување на поголеми санкции против нив, соопштува Ројтерс.

Министрите ќе ги разгледаат критериумите за идентификување на „осомничените“ држави и ќе разговараат за несогласувањата во одредувањето на засолништата и други детали кои ги попречуваат напорите за борба со избегнувањето на даноците.

Во мај членките во ЕУ се согласија да создадат заедничка листа до крајот на следната година по скандалот со панамските документи кои протекоа во медиумите како досиеја кои откриваат како некои мултинационални компании и богати поединци го избегнуваат плаќањето на даноците.

Организацијата за заштита на човековите права Oxfam ги поздрави плановите и изјави дека „црниот список“ треба да ја вклучува Швајцарија, како и другите земји во рамките на ЕУ, кои се идентификуваат како корпоративни даночни засолништа. Меѓу нив се Холандија, Белгија, Кипар и Луксембург.

„Даночните засолништа му помагаат на големиот бизнис да ги мами земјите и нивните граѓани со милијарди долари во форма на даноци секоја година. За сиромашните земји, каде што парите се потребни за образованието, здравството и создавање на работни места, даночните засолништа ја засилуваат сиромаштијата и нееднаквоста“, објави организацијата во соопштението.

Членките на ЕУ и во моментов имаат свои „црни листи“, но секоја земја е слободна да одлучи кои од владините мерки ќе ги наметнува и дали воопшто да применува такви. Некои листи се практично празни.

Во септември Европската комисија (ЕК) предупреди дека 81 држави и јурисдикции постои веројатност дека го олеснуваат избегнувањето плаќање даноци. Комисијата предупреди дека тие можат да бидат предмет на понатамошна истрага и дури санкции.

Во извештајот на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD), објавен претходно оваа година, се наведува дека во 2015 година компаниите вложиле 221 милијарди долари во земји со ниски даночни стапки, претежно Луксембург и Холандија. Инвестиции во вредност од 72 милијарди долари пак биле насочени кон две даночни засолништа под британска јурисдикција - Британските девствени острови и Кајманските Острови.

Во последниот квартал на 2015 година, сепак, откако Луксембург и Холандија ги воведоа новите европски правила за борба против лоши даночни практики, компаниите повлекле од двете земји милијарди долари.

Протокот на средства кон Британските девствени острови и Кајманските Острови е приближно во границите на просечните вредности, но во последниве години изворите на парите се префрлија од богатите кон земјите во развој.

Слично

Поврзани вести