Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕУ ГО КАЖА СВОЈОТ СТАВ: Очекуваме стабилна владина коалиција која ќе прави реформи

ЕУ ГО КАЖА СВОЈОТ СТАВ: Очекуваме стабилна владина коалиција која ќе прави реформи

Европската унија очекува силен парламент и стабилна владина коалиција, кои треба да испорачаат резултати во однос на стратешката цел на земјата, а таа е интеграција во ЕУ. 

Ова се наведува во заедничка изјава на високиот претставник, потпретседател Жозеп Борел и комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеи, за предвремените парламентарни избори во земјава. 

„Предвремените парламентарни избори се одржаа во Северна Македонија на 15 јули, во контекст на предизвиците поврзани со пандемијата со Ковид-19. Ги поздравуваме граѓаните за остварување на своето право на глас“, се вели во ставот на ЕУ.

Оттаму сметаат дека според првичните наоди и заклучоци на меѓународните наблудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), изборите генерално се спроведоа добро и со извесни прилагодувања поради пандемијата, а кампањата беше навистина натпреварувачка.

Но, нагласуваат од ЕУ, правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на правната рамка и последователните владини уредби.

Откако ОБСЕ / ОДИХР ќе ги издаде своите препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички чинители, релевантни институции и засегнати страни да продолжат да работат заедно за да ги спроведат навремено тие препораки пред следните избори.

„Со нетрпение очекуваме да работиме со силен парламент и стабилна владина коалиција кои треба да испорачаат резултати во однос на стратешката цел на земјата  за интеграција во ЕУ и да одговорат на очекувањата на граѓаните.  Посветени сме да продолжиме заеднички да одговараме на пандемијата со COVID-19 и последици од неа.

Очекуваме властите да продолжат да ги исполнуваат обврските на земјата кон ЕУ, да го одржат и забрзаат спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и дополнително да ги зајакнат добососедските односи.

Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и со нетрпение очекува што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција“, се вели во заедничкиот став.

Слично

Поврзани вести