ЕУ ги предупредува авиокомпаниите: Нема оправдување за укинување на обештетувањата за откажани летови
Европската унија планира да ги информира авиокомпаниите дека последиците од конфликтот со Иран врз туризмот засега не се доволно сериозни за да се воведат вонредни мерки, како што е укинување на обврската за исплата на обештетување за откажани летови.
Ова произлегува од нацрт-насоки на ЕУ во кои увид имала агенцијата Ројтерс. Според документот, моменталната состојба не бара посебни интервенции во туристичкиот сектор, за разлика од кризата со ковид-19, а побарувачката за патувања останува релативно стабилна.
Иако цените на авионското гориво се зголемиле за речиси 84 отсто од почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран на 28 февруари, европските авиокомпании досега успеваат да се справат со кризата, делумно благодарение на финансиските механизми за заштита од ценовни шокови.
Сепак, превозниците предупредуваат дека во наредните недели може да се појават проблеми со снабдувањето. Во ЕУ засега нема пријавено недостиг од керозин, иако Европа околу 75 отсто од ова гориво го увезува, најчесто од Блискиот Исток.
Портпарол на Европската комисија одби да го коментира документот, нагласувајќи дека тој може да биде изменет пред официјалното објавување.
Во меѓувреме, поради растот на цените на горивото, авиокомпаниите веќе ги намалуваат капацитетите. Според податоци на „Cirium“, во мај се откажани околу 13.000 летови на глобално ниво, односно отстранети се околу два милиона седишта од редовните летни распореди.
Најголеми намалувања има во Истанбул и Минхен, каде што превозници како „Туркиш ерлајнс“ и „Луфтханза“ редуцираа дел од летовите. „Луфтханза“, според информациите, откажала околу 20.000 кратки летови преку своја подружница.
И покрај притисоците, дел од компаниите, меѓу кои „Изиџет“ и „Визер“, најавуваат дека ќе ги задржат летните распореди. Аналитичарите предупредуваат дека Европа, а особено Обединетото Кралство, може да бидат меѓу најпогодените поради високата зависност од увоз на авионско гориво и ограничените рафинериски капацитети.
Британската влада веќе разгледува вонредни мерки, вклучително и спојување летови и пофлексибилно користење на аеродромските слотови, со цел да се избегнат поголеми нарушувања во текот на летната сезона.
Б92