ЕСТЕТСКИ АМАТЕРИЗАМ: ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на логото за 30 години независност
ВМРО-ДПМНЕ побара Владата да го повлече предложеното идејно решение на логото за одбележување 30 години независност на земјата и да се распише нов конкурс со прецизни параметри при изборот на ново лого.
Од таму велат дека тоа не претставува ништо друго, освен „брутално сквернавење на знамето на Република Македонија како симбол на нејзината државност“.
„Покрај прикажаниот естески аматеризам, предложеното решение го доведува во прашање општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност.
Непостоењето на терминот ‘Република’ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо“, гласи реакцијата на најголемата опозициска партија.
Логото беше презентирано вчера по повод 30 годишниот јубилеј, а Владата објаснуваше дека истото ги содржи сите симболи. Идејното решение на социјалните мрежи претрпе голем број критики од влијателни личности во јавноста.
