Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ЕСТАБЛИШМЕНТОТ Е ЗАГЛАВЕН ВО БЈРМ-ОВСКА ЗАВИСНОСТ ОД СРПСКО-РУСКИОТ СВЕТ“: Величковски вели дека Македонија е пред избор: ЕУ или изолација

„ЕСТАБЛИШМЕНТОТ Е ЗАГЛАВЕН ВО БЈРМ-ОВСКА ЗАВИСНОСТ ОД СРПСКО-РУСКИОТ СВЕТ“: Величковски вели дека Македонија е пред избор: ЕУ или изолација

Лидерот на „Нова Република“, Ивон Величковски, предупреди дека новите услови во процесот на ЕУ-интеграции ќе бидат насочени кон институциите, владеењето на правото и системската функционалност – а не кон македонскиот идентитет. Тој нагласи дека тие услови доаѓаат со отворањето на првиот преговарачки кластер „Владеење на правото“.

„Тоа што според реториката на ВМРО-ДПМНЕ од 2022, македонскиот народ и нацијата на Македонија треба да се идентификуваат со нефункционален систем, недоволно владеење на правото, корупција... – е проблем на Мицкоски и неговите коалиционери во парламентарната „опозиција“. Со приближувањето на декемврискиот Самит на ЕУ, се појасно е дека Македонија повторно ќе биде повикана да ги комплетира уставните дополнувања како обврска од Преговарачката рамка. И толку“, анализира Величковски.
Во текстот тој наведува дека паралелните, дефокусирачки теми во јавноста, како „ѓубрето во Скопје“ или „Сејф сити“, веќе немаат ефект врз растечкиот притисок од граѓаните за целосна интеграција на Македонија во Европската Унија, заедно со Албанија и Црна Гора.

„Тоа значи дека:
-ЕУ ги игнорира вербалните „слаломи“ на Владата и претседателката на Републиката за решенија вон Преговарачката рамка;

-На институциите на Македонија им е понудено да се вратат на „фабричкото нагодување“ во интеграциите. Затоа последните панел-беседи на владините министри низ Брисел и Виена се проследени со „едукативен“ молк;
-Интеграцијата на Македонија зависи од утврдените критериуми, процедури и обврски, а не од „повиците" на земјата-кандидат за "Реформа на ЕУ";
-Извештајот на ЕК тивко посочи дека неиницирајќи ги потребните уставни амандмани, парламентарната „опозиција“ е партнер на власта во авто-блокадата.
-Со ова во вид, сите дефокусирачки теми („ѓубрето во Скопје“, „Сејф сити“ и сл.) веќе не го релаксираат реалниот и растечки притисок на граѓаните за целосна интеграција на Македонија во ЕУ заедно со Албанија и Црна Гора.
Оваа потреба, желба и цел на економијата и нацијата е спротивставена со финансиско-медиа-партискиот естаблишмент во Македонија заглавен во БЈРМ-овската зависност од „југо-советскиот“, односно „српско-рускиот" свет“, пишува Величковски.

Како пример за геополитичкото позиционирање, го наведува учеството на Македонија, заедно со Хрватска, Црна Гора и Словенија, во нацрт-резолуцијата на ОН за враќање на киднапираните украински деца од Русија.

„Реалната подготвеност на Владата (на ВМРО-ДПМНЕ) да го следи стратешкиот национален интерес Македонија да биде ЕУ и НАТО партнер (вклучително стратешки партнер на членки на Алијансата) и натаму ќе се мери по доследноста како репер. Конкретно, низ деблокирањето на уставните дополнувања како доследност во определбата Полноправно членство во ЕУ. Истиот критериум важи и за парламентарната „опозиција“. Само пратениците кои ќе се одважат да го направат потребниот предизвик ќе претставуваат опозиција, а не „опозиција“. Како политички лидер на Нова Република, повторно ги охрабрувам да се определат – или партијата или нацијата. Впрочем ова е предизвик за сите пратеници - и од власта“, додава тој.


Слично

Поврзани вести