„ЕСМ и Узунчев не пријавиле штета за случајот со увоз на мазут“: Левица обвинува оти предметот падна поради „директор на Мицкоски“
Додека Мицкоски ја замајува јавноста со глумење изненаденост за пропаднатиот случај со увозот на мазут, клучниот елемент е дека токму ЕСМ, предводено од неговиот близок личен пријател Узунчев, не доставиле доказ дека државата е оштетена!
Ова го посочуваат утрово од опозициската „Левица“ од каде посочуваат дека токму обвинителката изјави дека немало штета врз државната компанија, а оттаму и врз државата.
- Самата обвинителка Колариќ јавно потврди дека клучната „оштетена страна“ – ЕСМ, преку директорот Узунчев, скандалозно изјавила дека компанијата не претрпела никаква штета. Претставници на АД ЕСМ (овластени од директорот Лазо Узунчев) и претставници на ТЕЦ ‘Неготино’ (овластени од директорот Александар Галапчев) на записник во обвинителството изјавиле дека "постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани."
Со ова, ЕСМ под раководство на Узунчев не само што не пријавиле штета врз државното претпријатие, туку директно сведочеле во корист на спорните договори и набавки. Левица и претходно предупредуваше за криминалното и неодговорно работење на Узунчев, кој наместо да го штити јавниот интерес, го задолжува и финансиски го уназадува претпријатието - нагласуваат во соопштението испратено до медиумите.
Потоа додават дека после две години нула одговорност за криминалите на претходната власт, додека Заев ужива на слобода и Груби како слободен граѓанин се прошета до границата, Левица јавно прашува - какви зделки склучил Мицкоски и колку провизии поделил со оние кои ги обвинуваше претходно за криминал?!
- Дали Мицкоски го штити неговиот личен пријател Узунчев за криминалите со ЕСМ - а за возврат, Узунчев е неговиот "џокер" кој ги спасува од прогон функционерите од претходната власт?! - нагласуваат на крајот од соопштението.
