Ескобар вели дека Македонија е културолошки и историски дел од Европа и треба да има заслужено место на масата
Заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар денеска во Скопје изјави дека САД работи интензивно Македонија да добие брз старт на преговорите со ЕУ.
Вели дека Македонија е културолошки дел од Европа, историски дел од Европа и се повеќе и економски е дел од Европа и таа треба да има свое заслужено место на масата.
„И понатаму ќе ги поддржуваме вашите напори за флексибилност во процесот на евроинтеграција и во спроведувањето на натамошните реформи, кои треба да бидат реалност“, изјави Ескобар.
За министерот за надворешни работи, Бујар Османи, таргетот за преговори со ЕУ е декември.
„Имав средба и со словенечкиот министер за надворешни работи, Словенија е актуелниот претседавач со ЕУ и разговаравме и за фактот дека и после 14-ти во било кој ден до крајот на годината словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок на министрите за Европа, доколку добие информација од Бугарија дека се спремни да ја поддржат преговарачката рамка и одлуката за почеток на преговори“, изјави Османи.
Ескобар денеска имаше средби и со шефот на државата Пендаровски, со премиерот Заев и вицепремиерот Никола Димитров.
Бугарскиот претседател Румен Радев очекува Кирил Петков, кој ќе формира Влада да му го соопшти ставот за Македонија.