ЕСКАЛИРА СОСТОЈБАТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА: Убиен е војник, има повредени
Ситуацијата во Венецуела ескалира. Војник загина во насилни протести, а владата ја обвини опозиција за државен удар. Убиениот војник имал прострелна рана во вратот.
Во немирите 23 војници и 25 полицајци се ранети, соопшти министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез.
Насилните протести избија вчера, кога националниот изборен совет го прогласи Николас Мадуро за победник, давајќи му уште еден шестгодишен мандат.
Победа прогласи и опозиционерот Едмундо Гонзалес. Владата на Венецуела обвини неколку странски актери за мешање во изборниот процес.
Чиле, Перу, Костарика, Уругвај, Гватемала и Аргентина изјавија дека нема да ги признаат резултатите од изборите, додека лидерите на Куба, Хондурас и Боливија ја поздравија победата на актуелниот претседател Николас Мадуро.
Државниот обвинител во Венецуела, Тарек Сааб во понеделникот објави дека од Северна Македонија е извршен сајбер-напад насочен кон изборниот систем, кој наводно го нарушил процесот на броење гласови за време на претседателските избори одржани викендов. Нападот наводно е поврзан со адвокатот и опозициски активист Лестер Толедо.
