Епидемија на морбили во цела држава
На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести е одлучено да се прогласи епидемија на ситни сипаници на територијата на цела држава.
Мерката е донесена по големиот број на новозаразени лица како на територијата на Скопје, така и по ново заразените лица и во внатрешноста на земјата.
Епидемиолозите апелираат да се вакцинираат децата задолжително со двете дози на вакцина, како мерка за заштита, но, и да се избегнуваат собирни места, посебно за деца и лица кои примиле само една доза од вакцината против мали сипаници или оние кои воопшто не се вакцинирани.
Од Клиниката за инфективни болести вчера информираа за новозаразени лица со ситни сипаници, а минатата недела биле регистрирани најголем број на заболени 126 лица, од почетокот на годината.
За прогласувањето на епидемија во земјава е известена и Светската здравствена организација, а со овој заклучок според Комисијата за заразни болести се очекува да се намали бројот на заболени лица.