Енвер Ајдини: СОНК преку протест сака да го зачува членството
Авторитетот на професорот е поврзан со неговото место во општеството. Тој со години е на маргините на општеството, пред сé заради отсуство на синдикално лидерство.Сé додека свеста кај одговорните за креирање на општествените и синдикалните политики не се развие до степен на разбирање за улогата на наставникот во втемелување на вистинските вредности, дотогаш наставникот ќе биде таму кај што е - вели професорот Енвер Ајдини, еден од основачите на Наставничкиот пленум.
Протестот кој го најави Синдикатот за образование, наука и култура –СОНК, според професорот е обид за нова манипулација со наставничката фела.Оттука вели Пленумот нема да го поддржи и ќе се огради од протестот, но ќе се бори за унапредување на правата на просветните работници.
„СОНК ,особено претседателот и нивното раководство преку повикување на протести изгледа сакаат да го зачуваат членството користејќи го незадоволството на наставниците околу платите. Но многу добро паметиме како заврши последниот штрајк што беше организиран од нив, како почна и како заврши. За ниту една одлука не беа консултирани членовите, дали сакаат да го прекинаат штрајкот и дали се задоволни од средбата која беше организирана во доцните вечерни часови со министерот и председателот на СОНК. Можам да кажам дека повеќе им наштети на наставниците отколку што помогна, со закон кој за жал произлезе од тогашниот штрајк на наставниците - Законот за заменски наставници.Затоа многу сум сигурен дека одзивот за протест нема да биде голем. На ова раководство на СОНК веќе никој не му верува. Што направија за подобрување на образовниот систем во државата последната деценија? Дали имаме подобри услови за работа и дали се цени самата работа на наставниците. Дали се почитува колективниот договор каде што самите беа потписници?“ - прашува професорот Ајдини.
Според него долги години просветните работници се предмет на манипулација поради силната партизација во сите сегменти на општеството, па и во образованието.
„Подолг период самите наставници беа манипулирани од многу фактори во државата,почнувајќи од раководните органи во училиштата ,други органи на министерството кои беа задолжени за спроведување на тогашните (лоши) реформи,па и од своите легитимни представници како синдикат. СОНК не можеше и не сакаше да ги штити своите членови. Сите лоши реформи и закони донесени во тоа време беа поддржувани од нивна страна,како што беше законот за казнување и наградување на наставниците,законот за заменски наставници кои беа директно поврзани со професионалниот и кариерен развој на наставниците. Од 2010 година нема никакво покачување на платите на наставниците,ниту еден закон што е на штета на наставниците не е тргнат,заканувањата и притисоците до наставниците не престанаа,а од друга страна раководството на СОНК комотно ги уживаше сите привилегии дадени од самото членсто и нивен статут“- вели професорот Ајдини.
Трудот на наставниците како што вели не е вреднуван, ниту неговото знаење и искуство. Тоа смета дека се должи на образовниот систем кој изминатава деценија покажуваше бројни слабости, амбиент на економска сиромаштија, демократија која сé уште зрее, испревртен систем на вредности.
„Наставниците подолг период не се вреднувани како што треба. Со лоши образовни реформи ,лоши закони наставникот беше деградиран и потценуван.Наставникот повеќе бил заплашуван, отколку наградуван. Цените на животните трошоци растеа, а платитеостанаа исти. Куповната моќ ни е иста од 2010 година,а цените растат. Се копираат реформи од развиени земји каде што наставниците ги поседуваат сите потребни услови за спроведување на истите. Кај нас нема услови за тие реформи, а зборуваме дека сакаме и тежнееме да имаме развиен образовен систем како што имаат Финците или Јапонците“- потенцира професорот од Наставничкиот пленум.
Законите кои се однесуваат на образовниот систем според него треба да се носат врз основа на длабока анализа за состојбите во сите негови сегменти. Тоа пред се вели треба да се законските решенија кои произлегуваат од знаењата и искуствата на сите чинители на воспитно образовниот процес, јакнење на довербата во системот преку дијалог и учество на сите релевантни познавачи на состојбите.
„Самиот политички систем во државата, силната партизација на образовните установи на самиот наставник му донесоа само стресови,закани,губење на авторитет и почит. Лошите услови за работа, голем бројна ученици во една паралелка,лоши учебници( со големи технички и авторски грешки,лош превод,текстови со говор на омраза итн),лоши реформи,казнувања на наставници од страна на инспекторатот и многу други негативни појави придонесоа самиот наставник да не е почитуван колку што треба и заслужува.Решението би требало да се најде во тоа што сите засегнати страни во образовниот систем треба секогаш заеднички ,преку јавна дебата да учествуваат во донесување на одлуки,закони и реформи во самиот образовен систем“- додава Ајдини.
Наставничкиот пленум вели дека упатил долг список на барања до Министерството за образование со кои ќе се обидува да ги подобри состојбите во образовниот систем. Низ една широка јавна дебата очекува да се отвораат можности за да се слушнат практичарите, наставниците, научната јавност, раководителите, родителите, граѓанскиот сектор, да се споделат образовните искуства, да се разменат идеи од кои би произлегле насоки за креирање на национална стратегија за развој на образовниот систем за подолг период.
“Работите почнаа да се помрднуваат. Министерството го укина екстерното тестирање,формирани се работни групи каде што се анализираат Законите за основно и средно образование. Се прави анализа на учебницитеи оние кои се спорни да се тргнат од наставниот процес.Но потребни се уште суштински смени во самиот образовен систем. Ние како Наставнички пленум на средбата со министерката за образование поднесовме преку 60 барања за одделенска настава,основно и средно образование. Се надеваме дека нашите барања ќе бидат прифатени ,барања кои ке придонесат за враќање на авторите и почитта кон наставникот“- потенцира професорот.
Наставничкиот пленум се огради од денешниот протест но како што вели ќе се бори за градење на систем на вредности според кој поединецот ќе работи на свој личен, но и развој на заедницата. Оттука барањата со кои излезе СОНК, Пленумот ги смета за легитимни, но велат не и неговото раководство. Оваа организација потенцираат дека ја потрошила довербата и трпението кај наставниците, го поткопала достоинството и наместо да ја штити и унапредува ја загрозила егзистенцијата на просветниот работник.
Заедничка цел на Пленумот како што вели професорот Ајдини е градење општество засновано на знаење, силен образовен систем од кој ќе произлезат граѓани кои ќе остваруваат лична и колективна благосостојба и ќе работат на развојот на демократските општествени процеси со кои ќе создаваат општествени вредности.
