ЕНКЕЛЕДА ЧЕЛА Е МАКЕДОНКА ОД ГОЛО БРДО: Родителите веќе се во Скопје и се надеваат дека ќе ја пронајдат
Девојката која исчезна во Скопје е Македонка од Албанија. Енкеледа Чела, која од вчера е исчезната е студентка на Економскиот факултет во Скопје.
Родителите на девојката, која е Македонка од селото Требиште во областа Голо Брдо и е државјанка на Албанија, веќе се пристигнати во Скопје.
„Енкеледа е стипендист на македонската влада и е на втора година од студиите. И средното економско училиште го заврши во Охрид, со одличен успех, како што успешно ги полага и испитите на факултет. Се надеваме дека ќе биде пронајдена здрава и жива“, велат блиски роднини на девојката во изјава за МИА и потврдуваат дека родителите веќе се во Скопје.
Тие додаваат дека загриженоста е голема кај сите жители во селото, кај најблиските роднини, нејзиниот брат и трите сестри, но се надеваат дека девојката ќе ја пронајдат.
Случајот е пријавен во полиција. Другарка на девојката побара помош на социјалните мрежи за нејзино пронаоѓање.
