„ЕНЕРГЕТСКИОТ ШОК УДИРА ВРЗ СИТЕ“: Георгиева за новата криза - една петтина од глобалното снабдување со нафта и гас е недостапно
Енергетскиот шок поради војната на Блискиот Исток ќе ги погоди сите земји, а приближно една петтина од глобалното снабдување со нафта и гас е недостапно поради блокадата на Ормутскиот теснец, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, за време на дебатата за глобалната економија на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон.
Таа нагласи дека клучниот проблем е нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката, бидејќи намаленото снабдување со енергија со непроменета побарувачка води до зголемување на цените.
Според неа, владите треба да избегнуваат мерки што ја стимулираат побарувачката, дури и кога се насочени кон заштита на најранливите, бидејќи таквите политики можат дополнително да ги зголемат инфлациските притисоци.
Таа додаде дека се погодени и дознаките, бидејќи работниците од земји како Индија и Бангладеш не можат да испраќаат пари од регионот на Заливот, како и транспортот и туризмот, особено во земји како Шри Ланка.
Георгиева оцени дека САД се помалку погодени бидејќи се извозник на енергија, но дека порастот на цените влијае на сите, предупредувајќи дека падот на инфлацијата може да се одложи.
Според неа, порастот на цените на енергијата, кој во еден момент достигна 50 проценти, претставува негативен шок во снабдувањето што дополнително ги оптоварува потрошувачите, особено оние со пониски приходи.
Таа предупреди дека последиците од кризата ќе траат и по евентуалното прекинување на огнот, поради веќе постојните прекини во снабдувањето и обемните штети на инфраструктурата, вклучувајќи ги енергетските постројки и рафинериите.
„Опоравувањето нема да биде брзо, особено во регионите со најголеми прекини“, рече Георгиева, додавајќи дека мирот сепак ќе ја забрза стабилизацијата.
Во исто време, во интервју за CBS, таа нагласи дека енергетските кризи поттикнуваат поголема ефикасност и диверзификација на изворите, вклучително и развој на зелена енергија, но дека тоа ќе потрае, додека граѓаните и економијата ќе го носат товарот во меѓувреме.
Зборувајќи за мерките, Георгиева рече дека ММФ им советува на земјите да не воведуваат трговски ограничувања за изворите на енергија и да ја насочуваат помошта кон најранливите, со претпазливост поради ограничениот фискален простор.
Намалување на трговските тензии
Таа оцени дека светската економија покажала отпорност и покрај бројните кризи, благодарение на улогата на приватниот сектор, посилните институции и технолошкиот напредок, но предупреди дека ризикот од рецесија сè уште постои.
Георгиева, исто така, ја нагласи важноста од намалување на трговските тензии меѓу најголемите економии, нагласувајќи дека трговските војни немаат победници.
Зборувајќи за вештачката интелигенција, таа предупреди дека таа носи големи промени на пазарот на трудот, каде што бројот на работни места на средно ниво се намалува, додека потребата од нови вештини расте, со ризик од зголемување на нееднаквоста.
Таа, исто така, укажа на растот на сајбер ризиците во финансискиот систем и потребата од меѓународна соработка и зајакнување на заштитните механизми.
Георгиева нагласи дека меѓународните институции, вклучително и ММФ, мора да се прилагодат на брзите промени во светот, а воедно да ја зачуваат стабилноста на глобалниот финансиски систем.
