Се забрзува легализацијата на дивоградбите!
Граѓаните кои во рок од 18 месеци нема да поднесат геодетски елаборат, нема да можат да ги легализираат дивоизградените објекти. Ова го предвидуваа измените на законот, кои, како што велат надлежните, се носат со цел да се мотивираат граѓаните да бидат поажурни во постапката за да може целиот процес да заврши во предвидените шест години.
Со нив ќе биде овозможено и легализација на објекти кои се изградени на државно земјиште, што беше идентификувано како еден од најголемите проблеми во досегашната примена на законот.
- Со предложените измени се пропишува дека е потребно барателот да достави и изјава заверена на нотар, дадена под кривична и материјална одговорност, со која ќе потврди дека предметното земјиште го користи повеќе од 20 години. На тој начин ќе се овозможи утврдување на правен статус и на овие објекти - стои во образложението на предлог измените, што денеска беа предмет на дискусија во собраниската Комисија за транспорт и врски.
Важна новина е што со законот се утврдува дека и помошните градби, како гаража или остава, кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, и базени на ниво на терен за индивидуална употреба, исто така спаѓаат во објектите што може да се легализираат. „Тапија“ ќе може да добијат и објекти или делови на објекти кои се пренаменети без одобрение за пренамена.
Законот за постапување со бесправно изградни објекти, стапи на сила на 3. март лани. До крајот на рокот, за шест месеци, поднесени беа околу 350.000 барања за утврдување на правен статус на бесправни градби. Од септември лани продолжи втората фаза од легализацијата, во која општините ја проверуваат состојбата на терен, а барателите треба ги достават останатите потребни документи, но таа оди многу бавно. Досега издадени се само околу 30.000 решенија за легализација.
Слично
