ЕКСТРАДИЦИЈА НА ПАЛЕВСКИ: Има ли нови информации од Турција?
Досега нема дополнителна информација за екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.
Министерот за правда, Кренар Лога денеска рече дека нема нова информација околу тоа и дека ако има нова информација таа ќе биде споделена со јавноста. Претходно, од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда информираа дека постапката за екстрадиција на Палевски била изготвена истиот ден откако е добиено официјалното известување од полицијата за апсењето на Палевски..
Оттаму појаснуваа дека постапката за екстрадиција во ваквите предмети трае неколку месеци.
Истрагата за убиството на Вања и Панче почна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.
Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.
Палевски пребега во Србија, оттука преку Бугарија, заминал во Турција, каде полицијата го уапси во градот Баликесир.