Експлозија во поранешна велешка топилница, ДИЗС со итен надзор
Државниот инспекторат за животна средина направи итен надзор по вчерашната експлозија во кругот на поранешна Топилница во Велес
„Државниот инспекторат за животна средина итно направи увид во кругот на поранешна Топилница во Велес откако по силна експлозија на 19-ти мај избувна пожар. Топилницата е индустриско еколошко жариште, а објектите се во сопственост на Метрудхем“, објави инспекторатот.
Увид на терен направиле и инспектори од СВР Велес и констатирано е дека пожарот избувнал во текот на сечење метал од постројка за филтрирање, но не може да се утврди дали причината е контакт на искра со стара електрична инсталација, или со талог од експлозивна хемикалија.
„За да се спречи можна хаварија, Државен инспектор за животна средина вчера изрече усна забрана за работа на ЗД Отпад Охрид, компанија која е ангажирана од Метрудхем да го отстрани отпадниот метал од локацијата. Во најитен рок Метрудхем мора да достави документација за отстранување хемикалии и опасен отпад и нивно евентуално чување на локацијата“, се вели во информацијата на ДИЗС.
Истовремено, се врши надзор и врз ЗД Отпад Охрид, за да се утврди колкави количини отпаден метал се веќе отстранети и дали отпадниот метал е потенцијално контаминиран со опасни материи. По анализата на документацијата и прибирањето докази, ќе бидат превземени соодветни мерки.
Слично
