Економија, финансии, бизнис

Контакт

Експерти во градежништвото во Струга дискутираат како до побезбедни градби

Експерти во градежништвото во Струга дискутираат како до побезбедни градби

Четиридневен симпозиум во Струга организира друштвото за градежни конструктори на Македонија каде ќе се разменуваат искуства за основните стандарди и квалитети во градежништвото.

Овој симпозиум е посветен на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, настан кој предизвика револуција во македонското градежно конструкторство и сеизмичките стандарди.

Според претседателот на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, професорот Горан Маркоски, целта на оваа средба е да ја потенцира важноста на инженерите во целокупниот процес на градбите.

- Земјотресот во Скопје не потсети дека единствено квалитетот на градбите е гаранција за безбедно живеење од природните катастрофи. Постојат и соодветни материјали и стандарди, но треба само да се почитуваат. Факт е дека транзицијата која ни се случува последните дваесеттина години придонесе малку да подзаборавиме на последиците кои можат да ги предизвикаат овие природни катастрофи. Како нечии желби за профит да го потиснаа инженерското знаење, вели Маркоски.

Според Драган Манаилов од скопската фирма „Синтекс“, за разлика од минатите години кога одредени работи не се почитуваа доволно, сега македонските компании работат со материјали и техники кои ја зголемуваат безбедноста на градежните објекти.

- Во последно време се води контрола во сеизмиката, значи имаме релативно добра градба. Едно време тоа беше испуштено од контрола, но  благодарение на нашиот Институт за сеизмологија има една програма, која е редовна, појаснува Манаилов.

И за Република Србија земјотресот во Скопје беше голем мотив за зголемување на безбедносните стандарди во сеизмиката.

- Ние многу соработуваме со колегите од Македонија кои се експерти во таа област, како и со Градежниот факултет во Скопје, Институтот за инженерство и сеизмологија во Скопје, и со колегите од Европа, така што сите заедно се трудиме да напредуваме за да имаме што посигурни објекти, потенцира Властимир Радоње професор на Факултетот за технички науки во Нови Сад.

Овој симпозиум се одржува  веќе 15 години, а целта на Друштвото на градежни конструктори на Македонија е да ја нагласи потребата и важноста на квалитетот на проектирањето, како и да се разменуваат искуствата во областа на градежништвото поврзани со изградбата и безбедноста на објектите

Слично

Поврзани вести