ЕКСКЛУЗИВЕН АМБИЕНТ ВО ИСТАНБУЛ: Заев вечераше со Ердоган (фотогалерија)
Заврши работната вечера во Истанбул на која претседателот на Владата Зоран Заев за се сретна со претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган. На вечерата во Истанбул, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев и претседателот на Турција Ердоган разговарале за взаемните пријателски односи исполнети со динамична соработка во повеќе области, информираа од Владата.
Сепак конкретни проекти не се споменуваат.
„Премиерот Заев за време на средбата ја потенцираше исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски. Економската и трговската соработка се витални, рече за време на работната вечера премиерот Заев и додаде дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија кој е во подготовка, кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори, стои во владиното соопштение.
Ердоган потенцирал дека и покрај пандемијата двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија.
На средбата во Истанбул беше истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.
Премиерот Заев изрази надеж дека претседателот Ердоган наскоро ќе ја посети Северна Македонија, како континуитет на заемните посетите на највисоко политичко ниво и како видлив придонес за унапредување на односите.
