Нема повеќе да има пензии за починати лица
Преку воспоставување електронска размена на податоци ќе треба да се спречи исплаќање пензии на починати лица беше заклучено на денешната конференција на која учествуваа раководствата на фондовите за пензиско и инвалидско осигурување на државите од поранешна СФРЈ.
- Со овие држави Македонија има потпишано договори и на државно ниво и на ниво на институции, но тие не секогаш се имплементираат во реалноста поради човечка грешка. Заради тоа денеска ќе се обидеме тој фактор да го елиминираме и да дефинираме конкретни временски процедури за да не се случува некое барање од некоја држава за одреден стаж да добие одговор после неколку месеци или години, а како резултат на тоа тие што аплицирале за пензија да не можат да ја добијат, рече директорот на Фондот на ПИОМ, Беким Незири.
Една од поважните теми е и електронска размена податоци, која треба да почне да функционира од 2013 година, со што ќе се исклучи исплаќање на пензии на лица кои се веќе починати, а во земјата во која остваруваат пензија не пристигнале информации дека се починати, бидејќи живеат во друга држава, појасни Незири.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, вели дека ваквиот тип на средби се од исклучителна важност со оглед на тоа што сите држави се соочуваат со слични проблеми со оглед на фактот што нивните пензиски системи се излезени од еден. Во Македонија, вели министерот Ристовски, право на пензија остваруваат лица кои сега живеат во државите кои произлегоа од некогашната СФРЈ, а порано со оглед на заедничкото живеење работеле во земјава.
Ристовски одново го отвори прашањето за стареење на населението, тренд што може да предизвика проблеми во ликвидноста на пензиските системи во иднина. На заедничка маса со сите претставници, Ристовски информираше и за владините реформи посветени на пензионерите.
Македонија е домаќин на регионалната средба на генералните директори на јавните пензиски фондови-заводи од поранешните ЈУ-Републики-Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Српска.
Слично
