Економија, финансии, бизнис

Контакт

Екс градоначалникот кој подарил имот на братучетка оди 30 дена во притвор

Екс градоначалникот кој подарил имот на братучетка оди 30 дена во притвор

30 дена притвор за поранешниот градоначалникот на Општина Демир Капија, Трајче Димитриев но и за неговите соработници. 

Тие се товарат дека нанеле штета на Буџетот на Општина Демир Капија од 15.456.106 денари (251.000 евра).

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) информираше дека по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, почнало истражна постапка против Димитриев и три други лица.

По барање на ОЈОГОКК, судија на претходна постапка од Основен суд Скопје 1 на тројца, меѓу кои и Димитриев, им определил притвор од 30 дена, а за четвртообвинетата, инаку братучетка на Димитриев, определил домашен притвор.

Пријавени се и поранешниот претседател на Советот на Општина Демир Капија, како и еден овластен проценител.

Во март 2012 година, Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Трајче Димитриев, како градоначалник на Демир Капија, потпишале договор за грант за проект „Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет“,  во вредност од 262.366 евра. За овој центар се реконструирала стара училишна зграда, која половина била сопственост на општината, а половина на четвртопријавената М.Ј., а за тоа се употребени 101.230 евра од грантот, додека останатите потребни пари, 82.000 евра, биле од буџетот на општината. Другите пари требало да се потрошат за опремување на центарот.

Општинската половина од објектот со 800 квадратни метри површина, како и општинската половина од катастарската парцела, Димитриев на 12 јуни 2013 година ги продал на својата братучетка за 1,67 милиони денари (27.100 евра).

Тој износ е десет пати помал од реалната пазарна цена, наведуваат од Финансиска полиција. Тој износ Димитриев прво од својата трансакциска сметка го префрлил на братучетката, односно ги позајмил на неа, а потоа префрлил уште 4,49 милиони денари (73.000 евра) за да го доврши реконструирањето.

Овој  објект бил наменет за сместување на фондацијата „Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет“, основана од страна на Општина Демир Капија, но Димитриев во април лани и таа Фондација без надомест ја отстапил на близок роднина.

На Димитриев ова не му е прва кривична пријава. 

Слично

Поврзани вести