Економската помош нема да се изгласа ниту утре во Собранието?
Економската помош за граѓаните и за работодавачите од петтиот пакет на мерки најверојатно нема да помине утре на закажаната пленарна седница во Собранието, според најавата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Според Мицевски, најголемата опозициска партија сака да ги гласа само законите поврзани од анти-кризниот пакет, без да обезбедува кворум за другите закони, кои во моментов се блокирани со безброј амандмани.
- Ние бараме на седницата да гласаме само за законите од третиот пакет мерки, како тие за финансиска поддршка на физички лица , за работодавачите заради исплата на платата за февруари и март, законот за личен доход, да бидат ставени на посебна седница и да се изгласаат и со тоа да се помогне на граѓаните и на стопанството. Денес стана јасно кој ја блокира работата Додека смртните случаи се зголемуваат, СДСМ , Заев и Филипче единствено што ги интересира е како да профитираат од ова криза и да ја обвинат опозицијата. Овие закони не се блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, туку од СДСМ и ДУИ. Тие го користат овој пакет закони , за опозицијата да им обезбеди кворум за да протуркаат штетни закони, рече Мицевски на денешната прес-конференција.
На 23 март закажана е седница на која треба да се разгледа законот за носење на петтиот пакет мерки за економска помош, а владеачкото мнозинство сега се надева дека ќе има поддршка од коалицијата Алијанса и Алтернатива, кои исто така имаат поднесено безбројни амандмани и бараат поддршка за законот за стекнување на државјанство со тројца сведоци.
- Во однос на блокадите на Собранието со илјадници амандмани и бојкотирањето на носењето и блокирањето на околу 130 закони сметам дека местото на секој пратеник е во Собранието каде треба да се дискутира, да се дебатира за да се донесат подобри закони што ќе бидат применети во подобро функционирање на самата држава, рече претходно пратеникот од ЛДП, Боби Мојсовски.
