ЕКОНОМИЈА, АЕРОЗАГАДУВАЊЕ, ТУРИЗАМ: Каков удар ќе зададе пеплосувањето на шумите?
Да не се чека и што поскоро да се почне со пошумување на опожарените површини во Малешевијата, порачуваат од еколошките друштва во овој регион, откако во пожари се уништени огромни површини, а тоа ќе се одрази на загадувањето на воздухот и на туристичките посети.
Павлина Тренчевска од еколошкото друштво „Солза“ од Пехчево вели дека штетите ќе влијаат на целокупното живеење и затоа мора да се делува брзо. Досега овој регион немаше проблеми со загадување на воздухот, појава која во зима кулминира во другите делови на државата.
„Уништувањето на шумите ќе се одрази буквално на сѐ, од промени на климата, животински свет, загадување на воздух, туризам, економија. Уништени се приватни, но и државни шуми. Сега уште тлее, но потоа мора да се исчисти и да почне со пошумување, затоа што се изгорени шуми стари 100 години. За да се создаде млада шума се потребни 35 години. Туристите доаѓаат пред се поради убавините на овој крај, планинарење и слично“; вели таа.
Марјан Митриновски, шумарски инженер и активен планинар, претседател на планинарското друштво „Кадиица“ од Пехчево, раскажува дека најпопуларната маршрута до Бајаз Тепе нема да може да го врати својот сјај долги години.
„Пред корона кризата до Бајаз Тепе имавме по 2-3 тури месечно, со домашни, и планинари од Србија и Бугарија бидејќи соработуваме до тамошните друштва. Сега таму теренот е пустош. Кај археолошкиот локалитет Света Петка, има летниковци, одеа доста луѓе, а сега и таму е опустошено од пожарот“, рече Митриновски.
Жаклина Реџовска, која била член на еколошкото друштво „Брица“ од Берово порачува дека треба да се размислува за превенирање, а не за санирање на оваа состојба. Според неа, сите надлежни институции треба да предвидат какви штети ќе има во случај на пожар каков што изби во регионот.
„Ние уште не сме свесни какви последици ќе има, и тоа се непроценливи штети. Треба да се направи една студија за да тоа се види. Ќе биде погодена економијата, а за туризмот мислам дека нема да има некое влијание затоа што туристичките населби во Берово не беа чепнати од огнот. Бев кај цркавата „Света Петка“ во Пехчево, и видов дека многу луѓе беа дојдени да ги видат тие апокалиптични сцени. За тоа дека ние имаме чист воздух, мислам дека е мит, и секако дека сега состојбата со квалитетот на воздухот ќе биде полоша“, објаснува Реџовска.
Нема податок колку туристи годишно го посетуваат Пехчево, а Берово годишно има 25.000 ноќевања, потврдуваат од општината и додаваат дека реалната бројка е секогаш поголема од причина што дел од туристите не се пријавени. Дали ќе има штети по туризмот и во колкав обем не знаат, но сите чинители се согласни дека пожарите ќе го нарушат имиџот од аспект на здрава животна средина.
Сања Атанасовска