Екипите се на терен, се расчистуваат паднатите дрвја поради силниот ветер
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ Скопје се регистрирани паднати и оштетени дрвја. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека екипите се целосно мобилизирани и интервенираат на терен.
„Нашите служби веднаш излегоа на терен и постапуваат координирано, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните“, наведе Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Во тек е сечење и расчистување на паднатите дрвја, како и отстранување на скршените гранки. Таму каде што имало застој, се работи на нормализирање на сообраќајот.
Градоначалникот посочи дека приоритет е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот, апелирајќи до јавноста на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
