Екипа на ТВ 24 нападната од припадник на приватно обезбедување
Непознато лице со ознаки на приватна агенција за обезбедување нападна екипа на ТВ 24 со тоа што му се закануваше на снимателот Иван Камчев, а потоа и ја удри камерата со закана дека ќе ја искрши.
- Велеше дека не смее Камчев повеќе да снима оти ќе му ја искршел камерата. Расправијата со непознатото лице траеше неколку минути. Тој се обиде да и забрани на нашата екипа да го снима трговскиот центар, наредувајќи ни да преминеме од другата страна на реката, па оттаму да снимаме. Откако се легитимиравме и побаравме од него да го стори истото, лицето се повлече, но продолжи со заканите, вели новинарот Владимир Тевчев.
Ова не е прв пат лица од обезбедувањето на штипскиот трговски центар да и се закануваат на екипата на ТВ 24 и да ја попречуваат професионално да си ја врши својата задача. Инцидентот новинарската екипа го пријавила во полиција.
