Екатерина Захариева тврди дека Договорот за добрососедство не бил грешка
Договорот за добрососедство со Северна Македонија не беше грешка, изјави поранешната бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју за „БГНЕС“.
Вели дека Скопје систематски тоа не го почитува, поради што Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ.
„Би рекла дека има доволно гаранции во договорот за да се заштити нашиот национален интерес, се додека тој се спроведува со добра волја, што е од фундаментално значење за секој меѓународен договор. Затоа секогаш ги повикував соседите од Скопје – оставете ги бугарските инвеститори кои сакаат да отворат работни места во вашата земја, запрете ја цензурата на бугарските книги на границата, дозволете емитување на бугарската телевизија, запрете ја антибугарската кампања, малтретирање на луѓе со бугарско државјанство и црниот пи-ар – тоа не е во ничиј интерес“, вели Захариева.
Захариева истакнува дека денес, договорот систематски не се почитува, а работата на комисијата „заглави“. Македонија се уште е пред портите на ЕУ и не се знае кога ќе ги почне преговорите. Договорот за добрососедство е потпишан во 2017 година. Во Скопје го потпишаа премиерот Зоран Заев и екс бугарскиот премиер, Бојко Борисов.