Екатерина Захариева порача дека сите треба да ги смириме емоциите
Сите треба да ги смириме емоциите, вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Таа ја критикуваше изјавата на премиерот Зоран Заев дадена во понеделникот на дебатата на американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“, јави дописникот на МИА од Софија. Захариева изјави дека нивниот проблем е тоа што сметаат дека се негува омраза кон Бугарите и дека не се исполнува Договорот.
„Принципиелно ли е да воспитуваш генерации по генерации со омраза кон соседната држава и целиот нејзин народ. Проблемот е дека се негува омраза кон Бугарите, дека не се исполнува Договорот. Не може во 21 век да продолжуваат овие форми на секаков вид дискриминација“, рече Захариева.
Захариева тврди дека Бугарија сака да ја види Северна Македонија како дел од Европската Унија.
Европратеникот Андреј Ковачев деновиве на Фејсбук прaша на каков компромис се надева македонскиот премиер Зоран Заев со обвинувања дека Бугарија има анахрона позиција. Пролетва ќе има избори во Бугарија.