Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕДНО Е СИГУРНО, ДИМИТРИЕСКА КОЧОСКА ЈА „ЗАПАЛИ“ ЈАВНОСТА: Не стивнуваат реакциите, од писателки, политичари, инфуленсерки, сите го осудија говорот на министерката

ЕДНО Е СИГУРНО, ДИМИТРИЕСКА КОЧОСКА ЈА „ЗАПАЛИ“ ЈАВНОСТА: Не стивнуваат реакциите, од писателки, политичари, инфуленсерки, сите го осудија говорот на министерката

Реакциите за изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, не стивнуваат. Социјалните мрежи се преполни со реакции почнувајќи од граѓаните, па се до инфлуенсери, политичари, опозиционери, аналитичари, писатели...

Обраќањето во кое министерката и рече на пратеничката од СДСМ, а поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, дека нема право да зборува за трошоците на мајките со деца и повеќечлено семејство, бидејќи не знае, како темпирана бомба одекна во јавноста.

На сметка на министерката пристигнаа лавина реакции на социјалните мрежи. Никој не се согласува со нејзиниот став, и покрај тоа што таа на фејсбук образложи што сакала да каже со изјавата. Според министерката, Петровска се обидува да изглуми жртва.

„Ја разбирам хистеријата која СДС и нивните ботови ја шират околу мојот политички дуел во сообранието со Славјанка Петровска.

Замислете да не беа овие квалификации, редица навреди и лажни обвинувања што ги упатуваат кон мене која сум исто жена, што друго ќе се паметеше од денешната седница.

Има луѓе на оваа политичка сцена кои ќе се паметат по безмилосните удари и самопроведувања од пајак возила, како и луѓе кои освен тоа што биле маши и папет кукли на вождот од Струмица се познати по запалени модуларни болници, во ист ден кога нивниот уличен пајташ Сокол се најде зад решетките од кои како директор заработувал пари.... но има и луѓе чии настапи ќе се паметат по глумење жртви, секогаш кога нема да можат да се носат со аргументите.

Ноторен факт е дека Петровска изгради кариера од глумење жртва. Редицата причини за сожалување е долга. Секој нејзин настап е запаметен по тоа што по секој дуел се претставуваше како жртва за нешто. Но од друга страна денешната изведба на преставата жртва беше од истата говорница од која безочно напаѓаше и говореше за таткото на еден министер колега, или пак за синот на премиерот, иако и двајцата не се поврзани во никаков политички контекст. Таа госпоѓа немаше ниту мака иронично да се однесува, навредува, дофрла од место, а во моментот кога ќе се одговори нешто, тогаш таа прераснува во жртва.

Што се однесува до моите зборови кон Славјанка Петровска која лично како жена сум ја бранела кога многу други ја напаѓале, беа извадени од контекст и се толкувани како лична навреда.

Никогаш немав и ќе немам намера да ја навредам лично, ниту, пак, да ја сведам дебатата на личен контекст. Јас сум личност од која никогаш нема да слушнете лични навреди, и жалам што дел од јавноста е манипулирана во тој контекст, и жалам што погрешно беа разбрани моите зборови.

Она што сакав да потенцирам беше дека почитта треба да се заслужи со дела и одговорност. Госпоѓата Петровска, освен што стана позната по низа политички гафови и неумесни постапки, беше и доследен поддржувач на политиките на СДСМ и ДУИ – политики кои ја доведоа државата до оваа состојба.

Да потсетам, во времето кога госпоѓата Петровска беше министер, инфлацијата растеше, а не видовме ниту еден конкретен предлог од нејзина страна за подобрување на економската ситуација. Тогаш, кога беше на функција, тоа не ѝ пречеше, но денес зборуваме за состојба што е директна последица на тие политики. Државата беше доведена до работ на банкрот, стотици илјади граѓани се иселија во потрага по подобар живот, а над 600 илјади луѓе живееја во сиромаштија.

Сето ова не сакаат да се слушне гласно, затоа Славјанка глуми жртва“, се вели во појаснувањето на министерката.

Синоќа се огласи и Петровска во тв гостување. Рече дека целта на Димитриеска Кочоска била да ја навреди.

Таа во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24 истакна дека  во парламентот упатила прашање, зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржале законот за намалување на патните трошоци, на кое не добила одговор.

„Јас добив навреда, но не ја примив навредата, дали беше намерата да бидам навредена и омаловажена затоа што немам деца и немам семејство, апсолутно да. Реакциите кои следуваа на јавноста не само на СДСМ по ова е тоа што всушност го вознемири ВМРО-ДПМНЕ, затоа што видоа дека отиде работата предалеку“ нагласи Петровска.

Наместо тоа мене вака ми се обрати министерката: „Не можам да кажам, почитувана“. Дали јас со нешто ја навредив. НЕ. „За да кажам почитувана мора да ја заслужите мојата почит“, НЕ. Во диктатура е така, во демократија е обратно, министрите се тие кои ја бараат почитта од пратениците, без разлика од која партија доаѓаат. „Врз основа на тоа што вие во уста ги ставате мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина“. – на што алудира ова ако не на потценување и обид да ме дискредитира, да ме дискриминира заради тоа што јас немам деца. Тоа е моја лична состојба, мојот личен статус и тоа дали сум сама, дали имам семејство или имам деца е мое лично прашање. Зошто е тоа така знам јас и судбината. Јас жалам што еве веќе 15-тина минути дискутираме за нешто што денеска се случи во парламентот“, рече Петровска.

Таа рече дека доколку Македонија би била нормална држава, Димитриеска Кочоска досега би си поднела оставка.

Политичката партија Левица го осудува говорот на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска која на пратеничката Славјанка Петровска ѝ кажа дека нема право да зборува за семејство бидејќи нема деца.

„Јас политички не се согласувам со пратеничката Славјанка Петровска, ама секаква лична дискредитација во обид да се избегне одговорност и тоа како е за осуда. За жал, министерката Кочоска (во една за неа препознатлива ароганција) денес од собраниска говорница оценуваше кој смее, а кој не смее да говори за трошоци на семејството? Според неа, тие што немале семејство, не смеат да говорат и да бараат одговори?! И ова е крајната нечовечна, мизогина и одвратна политичка култура на власта, која секојдневно ја сведочиме, со гнасни шиканирања. Ако се надоврзам и на пцуењето од пратеникот Петар Ристески, новата власт на ДПМНЕ и тоа како ја удрило политичката моќ и ароганција, без ниту една година на власт“, велат од Левица. 

Велат дека не знаат дали Кочоска сака да му се допадне во ароганцијата на премиерот Христијан Мицкоски и да го достигне неговото „ниво", кој исто на пратенички прашања, освен одмори на Хургада и дегутантни дискредитации - друго нема што да каже.

„Како член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички, очекувам јавна осуда од сите партии за ваквиот говор на министерката. Во спротивно, воопшто не сметам дека треба да сум дел од тела кои само формално постојат на хартија и во истите не планирам да учествувам“, истакнува Јована Мојсоска, пратеничка од Левица.

Во меѓувреме, како бисери се нижат фејсбук статуси со осуда на обраќањето на министерката кон Петровска.

Еве дел од нив.





Слично

Поврзани вести