Економија, финансии, бизнис

Контакт

EДНИ СЕ ИСЕЛУВААТ, А ДРУГИ СЕ ДОСЕЛУВААТ: Имаат ли иднина македонските села?

EДНИ СЕ ИСЕЛУВААТ, А ДРУГИ СЕ ДОСЕЛУВААТ: Имаат ли иднина македонските села?

Мислењата за иднината на македонските села се поделени. 

Граѓаните обично мигрираат од село во град, но иако во помал број сепак има и луѓе кои од урбана заминуваат да живеат во рурална средина. Многумина откако ќе влезат во пензија, не им пречи да се вратат и да живеат во село.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во рамките на истиот регион, најголемо учество од 37.6  отсто имаат преселбите од село во град. Градскиот хроничар од Битола, Александар Стерјовски смета дека треба сериозно да се загрижиме за нашите села кои пропаѓаат. Според него, ниту местоположбата, ниту инфраструктурата, нема да ги задржат луѓето на село.

„Стандардот е најважен, и затоа луѓето од село одат во град, или од град во странство. Многу села се празни. Toa e жална слика која треба да нѐ загрижи и замисли. Во битолско, оние села кои се близу грчката граница и се далеку од градот се испразнети“, вели тој.

Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот регион со 50.9 отсто. Во овој регион лани 262 луѓе заминале од село во град, а од град во село се преселиле 81 лице.

Сепак, жителите на селата во околината на Берово велат дека одредени миграции имало и ќе има, но според нив тоа не е во големи размери.

„Неколку семејства заминаа во Скопје, а повеќето заминуваат во странство, пред сѐ луѓето мигрираат поради финансиски причини. Порано луѓето на село немало толку трошоци, но денес не е така. Сега Смојмирово има над 300 куќи, и повеќе од 560 жители“, вели претседателот на месната заедница во Смојмирово, Глигор Тасевски.

Дамир Аврамски, претседател на месната заедница во беровското село Ратево, објаснува дека луѓето се преселуваат во градот само доколку имаат потреба.

„Ако имаат деца кои треба да одат во градинка, или ако најдат работа во Берово, се преселуваат за да бидат поблиску до работното место. Но, миграцијата од нашето село не е голема затоа што за 10 години можеби се иселени вкупно 20 семејства, дел во странство, а дел се во земјава. Бројката на постојани жители е помеѓу 700 и 800“, додава Аврамски.

Во североисточниот регион најмалку луѓе заминале од село во град.

„Неодамна со жителите на селото од кое потекнувам коментиравме дека која врата ќе се затвори, веќе не се отвора. Така е во селата. Не верува дека македонските села имаат иднина. Во моето село сега има 50 жители, далеку помалку од претходно“, коментира 53 годишната Лидија која потекнува од кумановското село Скачковце.

Само 65 луѓе лани од село заминале во град во североисточниот регион. Во истиот период 41 лице од град заминало во село.

Сања Атанасовска

foto Wikipedia

Слично

Поврзани вести