ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕДНА ОПШТИНА Е РЕКОРДЕР: Над 93 отсто од жителите живеат во урбана средина, селата се замрени

ЕДНА ОПШТИНА Е РЕКОРДЕР: Над 93 отсто од жителите живеат во урбана средина, селата се замрени

Во Oпштина Штип, според најновиот попис од 2021 година, над 93 отсто од населението живее во градот, додека селата се празни. Во многу општини доминира населението кое егзистира во урбаните средини, но Штип е „лидер“. Овие податоци се наведени во Статистичкиот атлас, публикација на Државниот завод за статистика(ДЗС). Дел од штипските села имаат само по неколку жители, а некои по неколку фамилии. На прсти се бројат селата во околината на Штип кои имаат над 100 или над 200 жители. Некои села пак се целосно испустени. Но, од попис на попис бројот на жители се намалува, а со тоа животот станува потежок за оние кои остануваат во руралните места. Нема продавници, нема училишта.

„Во селото има само неколку семејства. Има и луѓе што работат на село, ама попладне си одат, односно живеат во градот. Немаме продавница, немаме ни школо, децата одат во градот на настава. Добро е што пуштија јавен превоз, инаку е тешко. Цел регион е замрен. Повеќето жители во нашето село се пензионери, одат во градот за да пазаруваат и живееме некако“, вели Дејан Крстовски, претседател на месната заедница во селото Драгоево.

Според пописот од 2021 година, селото Чардаклија има 262 жители.

„Никој не се иселува моментално, но старите луѓе починуваат. Ние сме блиску до градот, на 6 до 7 километри сме, но ни фали продавница, оти ја затворија. Јавен превоз имаме, а школо моментално немаме. Деца има малку и тие одат во приградска населба да се школуваат“, вели Борче Петров, претседател на месната заедница во селото Чардаклија.

Во земјава, според пописот од 2021 година, доминира населението што живее во градовите со вкупно 1.131.356 жители (или 61.6 отсто), додека во руралните средини живеат 705.357 жители или 38.4 отсто. Две општини во Град Скопје немаат рурално население (Центар и Чаир), додека во 37 општини воопшто нема урбано население. Урбано население е евидентирано во вкупно 43 општини, од кои во 38 тоа доминира со учество од над 50 отсто. Надвор од територијата на Град Скопје, најголемо учество на урбано население има во Општина Штип (93.6 отсто).  Од друга страна, според пописот, во 205 населени места со рурален карактер се забележува целосна депопулација.

За споредба, во Србија 57.11 отсто од населението живее во урбана средина, според Глобал економи. Според истиот извор, во Црна Гора 68.5 отсто од жителите се во урбаните средини. Во Босна, урбаното население сочинува 50.27 отсто.

Според податоци од 2022 година, во САД, Канада, Мексико, Бразил, Аргентина, Чиле, Јапонија, Австралија, Обединетото Кралство, Франција, Финска, Данска, Израел, Шпанија и Јужна Кореја, над 80 отсто од населението живее во урбана средина. 

Земјите во кои висок процент од населението живее во рурални области се наоѓаат во Африка и Азија. На пример, во Бурунди и Уганда, 88,24 отсто и 84,23 отсто од луѓето живеат во руралните области, а 81,76 отсто од жителите на Непал живеат на село. 

Сања Атанасовска

foto Wikipedia/Germanikos

ad
Слично

Поврзани вести