Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕДНА КОМПАНИЈА „ЛАПНА“ СКОРО 80 ОТСТО ОД НОВОГОДИШНИОТ КОЛАЧ – дел од општините трошеле вртоглаво за дочекот

ЕДНА КОМПАНИЈА „ЛАПНА“ СКОРО 80 ОТСТО ОД НОВОГОДИШНИОТ КОЛАЧ – дел од општините трошеле вртоглаво за дочекот

Компанијата „Линк Медиа Плус“ е главниот „фаворит“ на локалните општини, кога станува збор за новогодишно украсување. Оваа фирма успеала да добие дури 78 отсто од парите кои биле потрошени за новогодишно украсување за дочекот на 2026 година. Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажува дека од досега објавените податоци за вкупно 32 склучени договори за новогодишно украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 договори се склучени со фирмата „Линк Медиа Плус“. Вкупната вредност на договорите на оваа компанија со општините достигнува до 37.825.726 денари или 615.052 евра.

Повеќе од еден договор успеале да добијат само уште две компании и тоа се „Димензија 360“ од Скопје, која има договор со Валандово, Гевгелија и Дојран. Додека компанијата „Грин Веј“ од Битола потпишала договор за украсување на Општина Битола и Општина Ресен. Останатите 12 фирми се носители на по еден договор.

Ваквата пракса е проследена и со непочитување на законската обврска договорите навремено да се пријават во Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Голем дел од општините не го испочитувале рокот од 10 дена од денот на склучувањето на договорот.

Анализата се темели на податоци од ЕСЈН и ги опфаќа сите општини кои во 2025 година спровеле набавки за новогодишно украсување. Тендерски постапки спровеле 36 општини, при што: 31 општина доставиле податоци за склучените договори заклучно со 12 јануари 2026, додека 6 општини сè уште немаат доставено известувања, иако законскиот рок е истечен.

Вкупната вредност на досега објавените договори изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, се очекува оваа сума да расте со објавување на податоците од Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево, Крива Паланка, како и Општина Новаци, која има набавка за новогодишен огномет.

Анализата открива дека имаголеми разлики во трошоците за новогодишно украсување меѓу општините. Најскапиот договор надминува 80 илјади евра, додека други општини за истата намена издвоиле неколкукратно помали износи.

Најмногу средства за новогодишно украсување потрошила Општина Штип, која склучила договор со „Линк Медиа Плус“ во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.

Град Скопје е на второ место со договор од 4.271.600 денари или 69.457 евра, исто така со истата фирма. Сепак, кога кон трошоците на Град Скопје ќе се достава и трошоците на останатите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош), произлегува дека во главниот град за новогодишно украсување се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Сите скопски општини, како и Град Скопје, склучиле договори со „Линк Медиа Плус“.

П.О.

Слично

Поврзани вести