ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР ЗА 21-ГОДИШНИКОТ КОЈ ЈА ПРЕТЕПА БРЕМЕНАТА ДЕВОЈКА ДО БЕСОЗНАНИЕ: ја освестувал со ладна вода за да продолжи да ја тепа
Дваесетиедногодишниот жител на село Сарамзалино Р. А. од Општина Лозово, доби една година затвор за семејно насилство над 34-годишната партнерка. Тој е прогласен за виновен во Основниот суд Свети Николе за две кривични дела.
Р. А. се наоѓа во притвор кој му е продолжен до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена, откако беше уапсен бидејќи брутално ја претепал својата 34-годишна бремена партнерка и ја држел заклучена во соба околу 15 часа.
- Постапувајќи по обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Свети Николе, Основен суд Свети Николе донесе неправосилна пресуда со која Р.А. е прогласен за виновен за едно кривично дело Телесна повреда и за Потивправно лишување од слобода и е осуден на единствена затворска казна една година затвор - соопшти Основниот суд Свети Николе.
Според обвинението на Основното јавно обвинителство Свети Николе, настанот се случил на 19 и 20 февруари во семејниот дом, каде обвинетиот најпрво ја навредувал, а потоа физички ја нападнал својата партнерка.
Тој ѝ го одзел мобилниот телефон и клучевите од автомобилот, ја заклучил во соба и ѝ ја ограничил слободата на движење. Во текот на нападот ѝ нанел повеќе телесни повреди, удирајќи ја со тупаници и боксови по главата и телото.
Според Обвинителството, кога жената се онесвестила, тој ја однел во бањата и ја освестил со ладна вода, по што продолжил со физичкото малтретирање. Кога се обидела да избега, повторно ја заклучил и ја држел против нејзината волја околу 15 часа.
