Една година по првиот полициски час почна нов: Најавени санкции за непочитувачите
Празни улици, тивко и продорно студено - така беше во главниот град синоќа од кога на сила е полициски час на територија на цела држава. Почнува од 22 часот, а заврши утрово во пет часот.
Влчдата го воведе да ограничи собирања кои зачестија надвор откако се стопли времето. Сепак синоќа беше исклучително ладно.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на стартот на полицискиот час рече дека ќе бидат неприкосновени во почитувањето на мерката. Рече оти битката со вирусот не познава ниту вера, ниту нација и дека е опасност за сите нас. Тој најави и санкции за оние кои нема да ја почитуваат забраната.
„Апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, на тој начин ќе придонесат во борбата против ковид-19. Секако за оние кои не почитуваат ќе има прекршочни и кривични санкции. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, заеднички да придонесеме наредните денови да имаме стабилизација на состојбата, зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека ќе ја добиеме оваа битка.. Контролите се подеднакво на целата територија на Република Северна Македонија, не сакам да влегуваме во поделби оти битката со вирусот не познава ниту вера, ниту нација, таа е опасност за сите нас, вели Спасовски.
Изјави дека знае дека ова е рестриктивна мерка но тврди оти ако не се почитува тоа е на штета на сите.
Ограниченото движење нема да важи на оние граѓани кои имаат потреба од итна медицинска помош, за економските оператори чија работа е 24 часовна, за патниците кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, како и за транспортерите на лица и на стока.
Досега во земјата се направени вкупно 551.917 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 109.262 , бројката на оздравени пациенти е 96.173, на починати е 3.244, а бројот на активни случаи изнесува 9.845 .
