Една година по поплавите, штетите се санираат но не и шокот и стресот! Дали помошта стигна на вистинска адреса?
“Поплавите ни ја однесоа целата животна заштеда која ја вложивме во куќата, покуќнината. Половина работен век двоевме од скромните примања да оставиме нешто зад себе, да имаме мирен и спокоен живот, но за миг ни се сруши светот врз глава”- раскажува за Фактор, Ластe Митковски од скопското село Стајковци кое беше едно од најпогодените во поплавата.
Една година после скопското цунами како што вели состојбата полека се враќа во нормала, но не и стресот и маките. Помош досега добиле од роднини и пријатели, ама не и од институциите. Проценките за штетите според него ни оддалеку не го покриваат реалниот трошок бидејќи разбеснетата вода им однела скоро се од домот, не останала како што вели ниту многу фотографии кои ќе посведочат колку мака и труд со години вложиле во изградба на својот дом.
“Со средствата кои ги добив како оштета од поплавата, во висина од 133 000 денари, а кои не се ни 10% од реалната штета,успеав да го променам кровот на куќата, за санирање и враќање во првобитната положба на приземјето ќе ми бидат потребни десетина илјади евра.Со македонска плата е невозможно кога се работи за четиричлено семејство, две полнолетни деца кои си имаст свои потреби и невработена сопруга да се извлече крај со крај. Состојбата кај мене беше страшна,сеуште може да се забележат последиците . Покрај приземјето на куќата, подрумите, гаражите,возилата, помошните објекти, поплавата направи голема штета и на имотот на кој имам и овоштарник со 100 разновидни овошни дрва. Штетите се големи, сеуште се бориме со поправање на дел од уништеното, се трудиме да се повратиме на нивото на кое бевме, но тешко оди. Животот се врати во нормала кај финансиски ситуираните семејства, но за поголемиот дел од настраданите, последиците од поплавата се сеуште голем проблем”- вели Митковски.
Дваесетина дена по поплавата се сеќава дека ги посетела Комисијата за утврдување на штетите кои евидентирале што е уништено, но како што вели не ги евидентирале големите штети во подрумите, гаражите и помошните објекти.
Покрај останатите, во поплавените подрачја беа зафатени близу 150 полициски семејства. Ласте повеќе од дваесет години работи како полицаец. Како нивен вработен неколку дена по поплавите го посетила и комисија од МВР и констатирале дека наведените објекти се целосно поплавени, а покуќнината и останатите предмети целосно уништени.
“Од полициските синдикати на соседните држави почнаа да пристигаат големи парични средства за помош. Според она што беше објавувано по медиумите и социјалните мрежи,покрај тоа и на сите вработени во МВР од платите им беа одбивани по 100 денари за помош на настраданите колеги. Oчекував значителна сума на пари кои ќе ми беа добредојдени за санирање на штетата. Mеѓутоа многу непријатно бев изненаден кога после 7-8 месеци од поплавата на мојата сметка добив прилив од 2780 денари од МПС на еден нетранспарентен начин, поради што се сомневам на голема злоупотреба на тие парични средства. Лично би сакал да знам од кого и колку помош сме добиле и како е распределена истата”- прашува полицаецот Ласте.
Од минатогодишните поплави вели Митковски ниту една институција не дошла да ги види ниту да ги праша како се снаоѓаат, во какви услови се нивните домови и како живеат. Реагираше и Независниот полициски синдикат. Оттаму велат дека огромен е бројот на полицајци во МВР кои живеат во поплавените подрачја, а наместо финансиска помош од парите кои биле собрани од нивните колеги, тие добиле само мал дел колку како што тврдат Македонскиот синдикат на полицијата да се оправда дека им излегол во пресрет на своите вработени.
“Животот за дел од жителите е вратен во нормала но за оние кои финансиите не им претставуваа проблем.Но многу колеги полицајци, кои не се срамат да зборуваат ми пренеле муабет и слики кои и денеска говорат за вистинската голгота и пустошот на објектите кои им се места за живеење на комплетни семејства или на повеке од 100 полициски припадници. Парите ги собираа од синдикалното раководство под капа на поранешниот прв синдикалец Тихо Климовски со аманет на тогашниот министер. Тоа беше катастрофа од постапка. Независниот синдикат имаше предлог на сите вработени линеарно да им се одбиеше по еден 1%, и да се формираше посебна комисија која ке изврши достава на собраната сума. Но како тогаш, така и денес Независниот синдикат се уште е во еден вид информативна изолација и немаме никакви податоци до бројките и состојбите кои владејат во ресорното министерство. За ваквата нереална и неприродна состојба допринесува членот 4 од Колективниот договор кој на нас како гранскиот синдикат, а со тоа и на МВР му нанесува сериозни потешкотии од непроценливи обеми. Каде отишле парите собрани и наменети за полицајците чии домови беа поплавени, ќе мораат да го дадат тогашниот министер и тогашниот претседател на синдикалната организација кои ги планирале актите и собирале пари”- вели Гоце Делчев Тодев-претседател на Независниот синдикат на полицијата.
Синдикалното функционирање во полициските редови според него претставува и кршење на многу членови од законите поврзани за синдикалното движење. Оттука вели очекувани но не и оправдани се ваквите случувања со манипулација меѓу сопствените колеги. Решенијата според Независниот синдикат лежат во плурализам во синдикалните редови и слободен избор на полицајците сами и по своја волја да одлучат на кој синдикат ќе му ја дадат својата доверба. Задачата на синдикатот, вели Делчев Тодев е да им помага на своите колеги кога им е најтешко, а не да ја користи нивната мака.
“Ако до пред околу две години во МВР имало само членови на една синдикална организација, денеска Независниот синдикат брои повеке од 1600 членови и е во една сериозна нагорна линија на удвојување на членството во полицијата. Со добивањето на репрезентативност на членството на Независниот синдикат, сите во МВР вклучувајки го министерот за внатрешни работи но и останатите вработени ќе ја добијат потребната европска функционалност и транспарентен партнер кој ќе преговара за правата на своите вработени” – додава Делчев Тодев.
Минатогодишните поплави покрај сериозна материјална штета однесоа и човечки животи. Ласте Митковски не го напушта надежта дека неговиот дом ќе го врати својот сјај, бидејќи како што вели парите се печалат и се трошат, а ненадоместлива е загубата на неговите соседи кои изгубија свои блиски во невремето. Но сепак порачува дека никој, особено не во редовите на полицијата која треба да значи сигурност и безбедност на секој граѓанин, не смее да се поигрува со маката на оние ниту виновни ниту одговорни се затекнале во неволја.
